Папата: Загубата на детски животи нека ги допре срцата на оние кои можат да ја запрат војната

Папата: Загубата на детски животи нека ги допре срцата на оние кои можат да ја запрат војната

На средбата со младите членови на Италијанската католичка акција папата Фрањо ги насочи своите мисли кон децата кои страдаат од војната во Газа, Украина и Јемен. Ги потсети момчињата и девојчињата дека дарот на Божјата љубов на Божиќ не повикува да го сакаме Господ и да се сакаме едни со други

Само сакајќи го Бога и сакајќи се еден со друг, светот ќе ја најде светлината и мирот што му се потребни, рече папата Фрањо во петок 15 декември 2023 година, на средбата со младите членови на Италијанската католичка акција за да разменат божиќни честитки.

Папата им го даде на младите подготвениот говор, кои дојдоа во придружба на националниот претседател и генерален помошник, нивните водители и воспитувачи. Во поздравот до присутните, тој потсети на многу народи, а посебно на децата, кои ги трпат ужасите на конфликтите ширум светот.

Светиот Отец конкретно ги спомена илјадниците деца кои ги загубија животите од почетокот на конфликтот во Газа пред повеќе од два месеци, но и оние деца во Украина и во повеќегодишната војна што се одвива во Јемен.

Дали знаете колку деца загинаа во Газа во оваа војна? Повеќе од три илјади. Неверојатно е, но тоа е реалноста. И во Украина ги има повеќе од петстотини, а во Јемен, за време на војната која е со години, илјадници.

Сеќавањето на нив – рече Римскиот бискуп – нè повикува за возврат да бидеме светлина за светот, да допреме до срцата на многу луѓе, посебно на оние кои можат да ја сопрат спиралата на насилство.

Прекрасниот дар на Божјата љубов на Божиќ не повикува да го сакаме, но и ни покажува на нас дека и ние можеме да се сакаме како браќа, нагласи папата Фрањо.

Потоа Папата го сврте вниманието на уште една љубов која произлегува од Божјата љубов: онаа кон Неговото создание.

Во таа смисла, тој ја изрази својата благодарност за слоганот избран од Италијанската католичка акција оваа година, кој гласи: Ова е твој дом! Тоа ни помага да сфатиме дека Бог нè повикува да ја препознаеме и почитуваме убавината што не опкружува, во природата и во луѓето, и на тој начин да растеме во споделувањето и братството, рече Петровиот наследник, поттикнувајќи ги да го следат тој пат со посветеност, што само по себе е порака на надеж.

На крајот Светиот Отец ги поттикна момчињата и девојчињата да го послушаат Божјиот повик, кој со неговото пријателство и нежност ги прегрнува небото и земјата.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот