Папата: Животот е свет

Папата: Животот е свет

Луѓето преку нашите дела препознаваат дека сме вистински следбеници на Оној Кој е Светлина на светот – порача папата Фрањо за време на пладневниот наговор на 5 февруари на плоштадот Свети Петар.

Папата размислуваше за Исусовите зборови кои го опишуваат посланието на неговите ученици во светот: Исус ја користи метафората сол и светлина, а неговите зборови се упатени до учениците во секое време, па така и на нас. „Исус нѐ повикува преку сведоштвото со добри дела да бидеме одраз на неговата светлина,“ рече Светиот Отец цитирајќи го потоа Евангелието според Матеј каде Господ вели: „Така треба да свети пред луѓето и вашата светлина, за да ги видат вашите добри дела и да Го прослават вашиот Отец небесен.“ (Мт 5, 16)

„Тие зборови“, продолжи Папата, „нагласуваат дека преку нашите дела нѐ препознаваат како вистински следбеници на Оној Кој е Светлина на светот. Всушност, пред сѐ нашето однесување остава белег на другата личност. Според тоа имаме должност и одговорност за примениот дар: светлината на верата која е во нас преку Христос и преку делувањето на Духот Свети, не смееме да го задржиме за себе како да станува збор за наша сопственост. Наместо тоа, повикани сме да го зрачиме во светот, да го даваме на другите преку добрите дела. На светот му е потребна светлината на Евангелието која менува, лекува и го гарантира спасението на оној кој го прифаќа!“, рече Светиот Отец и истакна: „Светлината на нашата вера не слабее со давањето, туку зајакнува. Всушност ако не се храни со љубовта и каритативните дела, светлината на верата може да ослабне.“

Папата Фрањо потоа премина на сликата за солта: Евангелието според Матеј ни говори дека сме – како Христови ученици – сол на земјата (ред 13). „Солта е елемент кој, освен што дава вкус, ја чува храната од промени и расипување. Според тоа, задачата на христијанинот во општеството е да дава „вкус“ на животот со вера и љубов кои Христос ни ги дарувал и во исто време да ги држи понастрана загадувачките никулци на себичноста, зависта, клеветата. Тие никулци го уништуваат ткивото на нашите заедници,“ предупреди Папата додавајќи дека нашите заедници треба да зрачат како места за прифаќање, солидарност и помирување. „За да го исполниме тоа послание, мораме најпрво самите себе да се ослободиме од пропаѓање кое го предизвикуваат световните влијанија, а кои се спротивни на Христос и Евангелието. Ова чистење никогаш не престанува, туку се прави постојано,“ рече Светиот Отец.

После молитвата Ангел Господов, папата Фрањо упати повик до верниците заедно да молат за оние кои се на умирање и за неродените на кои им се заканува абортус. Потсети дека денес во Италија се слави „Ден на животот“ на тема „Жените и мажите за животот по стапките на света Тереза од Калкута.“ Повика на промовирање на „културата на живот“ како одговор на логиката на отфрлање и демографскиот пад. Никој не смее да биде оставен сам, љубовта мора да ја „брани смислата на животот,“ рече Светиот Отец и потсети на зборовите на Мајка Тереза: „Животот е убав – восхитувај му се; животот е живот – брани го!“ Тоа важи како за неродените, така и за оние на умирање: „секој живот е свет,“ порача на крајот Папата.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот