Папата Фрањо: Доста е војни! Тие се секогаш пораз

Папата Фрањо: Доста е војни! Тие се секогаш пораз

По молитвата Ангел Господов во неделата на 15 октомври 2023 година, папата Фрањо упати силен апел за Блискиот Исток, каде, како што рече, веќе има многу мртви. Не се гледа ништо друго освен невина крв во Светата Земја, како и во Украина. Затоа Римскиот бискуп ги охрабри верниците во вторник, 17 октомври да се приклучат на Денот на молитва и пост за мир.

Да одговориме на ѓаволската сила на омразата, тероризмот и војната со блага и света сила на молитвата. Тоа е охрабрувањето на папата Фрањо, кое го упати во недела 15 октомвври 2023 година за време на неговот пладневно обраќање по молитвата Ангел Господов, пред приближно 22.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар, осврнувајќи се на драматичната ситуација на Блискиот Исток. Затоа ги поттикна сите да го посветат следниот вторник на молитва и пост.

Ги охрабрувам сите верници да се обединат со Црквата во Светата Земја и вторник, 17 октомври да го посветат на молитва и пост.

Војните секогаш се пораз. Секогаш! – предупреди Папата изразувајќи ја својата тага поради настаните во Израел и Палестина. Потоа повторно апелираше за ослободување на заложниците и решително побара децата, болните, постарите, жените и сите цивили да не бидат жртви на конфликтот. Папата, освен тоа, побара да се почитува хуманитарното право, особено во Газа, каде што има итна и очајна потреба да се обезбедат хуманитарни коридори и да се помогне на целото население.

Браќа и сестри, веќе има многу мртви. Ве молам, да не се пролева повеќе невина крв, ниту во Светата Земја, ниту во Украина, ниту каде било на друго место! Доста е!

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот