Папата до старите и младите луѓе: Откријте ја радоста на средбата

Папата до старите и младите луѓе: Откријте ја радоста на средбата

Во пораката објавена на својот профил на Твитер, папата Фрањо поттикна на славење на 3. Ден на бабите и дедовците и старите лица; по тој повод, во недела, на 23 јули 2023 година, ќе ја предводи светата Литургија во Ватиканската базилика, а на крајот од светата Литургија петмина стари лица ќе го предадат ходочасничкиот крст на Светскиот ден на младите на група млади момчиња и девојки кои ќе отпатуваат за Лисабон.

На светата Литургија што ќе ја отслужи папата Фрањо во недела на 23 јули во базиликата Свети Петар, по повод 3. Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, ќе учествуваат повеќе од шест илјади луѓе, меѓу кои и бројни стари лица од цела Италија – баби и дедовци со нивните внуци и семејства, штитеници во домовите за стари лица, како и бројни претставници на парохиите, бискупиите и многубројни лице во третата доба од животот кои делуваат во парохиите, бискупиите и здруженијата.

Тој ден, кој Папата сакаше да се слави во четвртата недела во јули, оваа година се одбележува на тема „Од коленото на коленото е неговата добрина“, што се однесува – како што самиот папа Фрањо објасни во пригодната порака – на средбата на Марија и Елизабета, која пак упатува на Светскиот ден на младите што ќе се одржи за нешто повеќе од една недела во Лисабон, а чие мото е „Стана Марија и поита“ (Лк 1, 39)

Светиот Отец на својот Твитер профил @Pontifex објави твит во кој повика на одбележување на денот на старите лица.

Уште еднаш ја упатувам мојата покана до сите – епархии, парохии, здруженија, заедници – да го прослават 3. Светски ден на бабите и дедовците и старите лица, ставајќи ја во центарот радоста на обновените средби меѓу младите и постарите луѓе.

Старите и младите луѓе кон Светскиот ден на младите во Лисабон

Посебно значаен момент, на крајот на прославата предводена од папата Фрањо во недела, ќе биде симболичното предавање на ходочасничкиот крст по повод Светскиот ден на младите, кој ќе го предадат пет стари лица – претставници на пет континенти – на младите кои ќе заминат во Португалија, во знак на пренесување на верата од колено на колено. Со овој гест сакаме да ја покажеме и посветеноста на постарите, бабите и дедовците кои ја прифатија поканата на Папата, која им ја упати во пораката по повод денот посветен на нив, да се помолат за младите кои се подготвуваат за патувањето и да ги придружуваат со својот благослов.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот