Папата Фрањо ќе учествува на отворањето на Експо 2015 во Милано

Папата Фрањо ќе учествува на церемонијата на свеченото отворање на Експо Милано 2015, на 1 мај, преку директно телевизиско вклучување од Ватикан, во соработка со Државната италијанска теливизија, Ватиканскиот телевизиски центар и Радио Ватикан.

 „Одлуката на Папата да учествува на отворањето на светската изложба ја нагласува посветеноста на Црквата на темата:„ Да се нахрани планетата, енергија за живот“, стои во соопштението на Миланската надбискупија. „Експо 2015“ ќе се одржи меѓу 1 мај и 31 октомври во Милано, а на форумот ќе учествуваат над 140 држави меѓу кои и Светиот Престол.

Католичката црква ќе учествува на саемот во различни форми. Светиот Престол е претставен со свој павилјон насловен „Човекот не живее само од леб“, кој со помош на различни уметнички изрази, од традиционални до иновативни, нуди четири големи оддели: „градина, за да ја чуваме“, „храна, за да ја делиме“,„храна која воспитува“, и „леб, кој Го прави Бог присутен во светот“.

Преку својот павилјон, кој е лоциран на 747 квадратни метри, Светиот Престол сака да им обезбеди на своите посетители простор за размислување околу проблематиките кои и денес се поврзани со исхраната и пристапот до храна, истакнувајќи како антрополошкиот аспект на животот е суштината на христијанското искуство, но исто така и предмет на културни духовни размислувања преку историјата.

Друго официјално присуство на Католичката црква на Светската изложба е на организацијата Каритас Интернационал во светот, која ќе присуствува во Милано како „Civil Society Partecipant“. Изложбата ќе биде претставена на голем павилјон, каде во центарот ќе биде изложена една современа уметничка творба. Мотото е „Да споделуваме, за да умножуваме. Да го раскршуваме  лебот“, кој е во основата и на светската кампања започната од Каритас, против драмата на гладот.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот