Близината со Бога, со епископот, меѓу свештениците и со народот се четири односи кои ја „зацврстуваат личноста“ на свештениците, истакна папата Фрањо во својот говор на почетокот на симпозиумот насловен „За фундаменталната теологија на свештенството“ организиран од Конгрегацијата за бискупи.
Нема потреба од бескрајни говори и теории за тоа каква треба да биде теологијата за свештенството, туку доволни се четири „близини“: со Бога, со епископот, меѓу свештениците и со народот, кои можат на практичен и конкретен начин, полни со надеж да помогнат да се оживее дарот и плодноста, кои како на свештеници ни се ветени – рече папата Фрањо во говорот со кој го отвори симпозиум во салата Павле VI со наслов „За фундаменталната теологија на свештенството“. Собирот во организација на Конгрегацијата за бискупи се одржува во Рим од 17 до 19 февруари 2022 година. Целта на овој меѓународен симпозиум е да се споделат врските кои ја зајакнуваат личноста на свештеникот, односно четирите столба на свештеничкиот живот кои Папата ги нарекува „близини“, бидејќи го следат Божјиот стил, кој во основа е стил на близина.
Конкретно орудие за свештениците
Во својот говор, Папата презентираше некои веќе изразени поими, особено во својот прв апостолски поттик Evangelii gaudium, но на кој се осврна подетално бидејќи – како што рече – на свештеникот му треба повеќе од рецепти или теории, има потреба од конкретно орудие со кое може да се соочи со својата служба, своето послание и секојдневниот живот. При тоа објасни дека неговите зборови се резултат на вежби за размислување од сведоштвата кои го добил од многу свештеници низ годините, имајќи ги предвид карактеристиките што ги разликуваат, а кои им давале посебна сила, радост и надеж во нивното пасторално послание.
Близина, која му помага на свештеникот
Логиката на близина – објасни Папата – му овозможува на свештеникот да го прекине секое искушение на затворање, самооправдување (…). Овие четири димензии се добра школа – како што рече – за „игра на отворено“, во која свештеникот е повикан да влезе без страв, без крутост и не намалувајќи или осирумашувајќи го посланието. Тие не се дополнителен товар, туку дар даден од Господ за да се одржи повикот жив и плоден.
Правилно однесување во однос на промените
Осврнувајќи се на промените во епохата, која пандемијата COVID-19 ја направи „повеќе од очигледна“, Папата рече дека правилното однесување во соочувањето со промените не е бегство во минатото, барајќи кодифицирани форми кои гарантираат некаква заштита од ризик, но не е и бегање во иднината со прекумерен оптимизам кој ја „посветува“ последната новост како нешто што е вистински реално, презирајќи ја така мудроста на годините.
Напротив, ми се допаѓа однесувањето што произлегува од уверливо прифаќање на реалноста, вкотвено во мудрата жива традиција на Црквата, која може да си дозволи да излезе на отворено море без страв – рече Папата. Чувствувам дека Исус, во овој историски момент, повторно нѐ повикува да излеземе на отворено море со увереност дека тој е Господар на историјата и дека под негово водство ќе можеме да го препознаеме хоризонтот што треба да го поминеме.
Вистински звања во живи и братските заедници
Што се однесува до кризата на звањето, тоа – според Папата – често е резултат на отсуството на заразната апостолска ревност во заедниците и затоа тие не воодушевуваат и не привлекуваат. Таму каде што има живот и волја да се донесе Христос на другите, таму се раѓаат вистинските звања. Дури и во парохиите каде што свештениците не се премногу зафатени и радосни, братскиот и ревносен живот на заедницата буди желба за целосно посветување на Бога и евангелизацијата, особено ако оваа жива заедница упорно се моли за звања и има храброст да им предложи на младите луѓе пат на посебно посветување
Близина со Бога
Зборувајќи потоа за четирите „близини“ за кои рече дека се цврста основа за животот на денешниот свештеник, Папата започна од близината со Бога, од „близината со Господовата близина“. Без важниот однос со Господ, нашата служба ќе стане стерилна. Близината со Исус, контактот со неговото Слово ни овозможува да го споредиме нашиот живот со неговиот и да научиме да не се навредуваме од ништо што ни се случува и да се заштитиме од скандали.
Без молитва, свештеникот е само „уморен работник“
Бројни свештенички кризи произлегоа токму од оскудниот молитвен живот, недостатокот на близина со Господ, сведувањето на духовниот живот на чиста верска практика – рече Папата обраќајќи им се на свештениците присутни во салата Павле VI. Во важните моменти од мојот живот, додаде тој, пресудна беше близината со Господ, која ме поддржувала. Без конкретна близина во слушањето на Словото, евхаристиско славење, обожавање во тишина, довербата во Марија, мудрата придружба на духовниот водач, светата тајна на помирување, свештеникот е само уморен работник кој не ја ужива благодатта на Господовите пријатели.
Откажи се од активизмот, расти во молитва
Истакнувајќи дека премногу често во свештеничкиот живот молитвата се практикува само како должност, Папата истакна дека свештеникот кој се моли е син кој се приближува до Господа. Треба, сепак, да се навикнеме во текот на денот да дадеме простор на тишината. Треба да се откажеме од активизмот, прифаќајќи го пустошот што доаѓа од тишината, пост со активности и зборови и со храброст искрено да се преиспитаме.
Да се истрае во молитвата – според Папата – значи да не побегнеме кога токму молитвата не води во пустината. Овој пат води до близина со Бога, под услов да не бегаме, да не пронаоѓаме начини да ја избегнеме таа средба. Навистина, прегрнувањето, прифаќањето и прикажувањето на сопствената беда во Господовата близина е најдоброто училиште за свештеникот, малку по малку да направи простор за целата беда и болка со која секојдневно ќе ја сретнува во својата служба, сѐ додека тој самиот не стане како Христовото срцето – објасни Папата.
Близина со епископот
Близината со епископот, пак, забележа Папата, се толкува само еднострано, давајќи на послушноста толкување далеку од евангелското чувство. Имено, послушноста значи да научиме да слушаме и да запомниме дека никој не може да каже дека е носител на Божјата волја и дека таа треба да се разбере само преку расудување. Блиските односи со епископот, како и другите три „близини“, овозможуваат да се отстрани секое искушение на самоограничување и му помага на секој свештеник и на секоја партикуларна Црква да ја согледа Божјата волја. Сепак, додаде тој, не смееме да заборавиме дека самиот епископ може да биде орудие на ова расудување само ако ја слуша реалноста на своите свештеници и на светиот Божји народ што му е доверен.
Молитвата на свештеникот, слушање на епископот
Во комуникацијата со другите најважна е способноста на срцето која овозможува близина и без која нема вистинска духовна средба. Така, послушноста може да биде и соочување, слушање, а во некои случаи и напнатост. Ова нужно бара свештениците да се молат за епископите и да знаат да го кажат своето мислење со почит и искреност. Исто така, од епископот се бара понизност, способност да слуша, да биде самокритичен и да дозволи да му се помогне. Ако ја заштитиме таа врска, ќе продолжиме сигурни на нашиот пат.
Близина меѓу свештениците
Третата „близина“, онаа меѓу свештениците, се изразува – како што рече Папата – во братството, што значи да се настојува да се биде свет со другите, а не во осаменост. Братството како трпение, способност да се чувствуваме одговорни за другите, да се носи нивниот товар, далеку од зависта и неспособноста да се радувам кога го гледам доброто во животот на другите, што толку многу ја мачи нашата средина и што е напор во педагогијата на љубовта, а не едноставно само грев што треба да се исповеда. Во братството не треба да се фалиме, ниту да ја лишиме нашата почит на оние околу нас. Братската љубов не бара свој интерес – истакна Папата – не остава простор за лутина, бес, не го памти вечно применото зло кое оди до таа мера што можеби и ужива во неправдата кога таа се однесува токму на оној за кого јас трпев. Освен тоа, да се напаѓа вистината и достоинството на браќата со клевета, оговарање и оцрнување се смета за тежок грев.
Братството помага мирно да се живее целибатот
Одам толку далеку – рече потоа Папата – за да кажам дека таму каде што функционира свештеничкото братство и каде што има врски на вистинско пријателство, можно е и помирно да се живее изборот на целибат. Имено, целибатот е дар кој за да се живее како посветување бара здрави односи, односи на вистинско почитување и добра кои имаат свои корени во Христа. Без пријатели и без молитва може да стане неподнослив товар и противсведоштво за самата убавина на свештенството – рече Папата.
Близина со народот
Четвртата „близина“, односно односот со светиот народ Божји, не е должност за секој од нас, туку благодат што ја фаворизира средбата во полнота со Бога, како што е веќе напишано во Evangelii Gaudium – рече Папата. Местото на секој свештеник е меѓу луѓето, како би можеле да откриеме дека распнатиот Исус сака да се послужи со нас за да се приближи повеќе до саканиот народ. Тој сака да ја допреме човечката беда и да ја запознаеме моќта на нежноста. Таа близина, како и другите, всушност повикува да го примениме Господовиот стил, кој вклучува сочувство и нежност.
Ватикан њуз/к.мк