Папата до младите: Бог не ве избира за мали работи

Да се биде милосрден значи да се расте во храбра, великодушна и вистинска љубов, истакна Светиот Отец во пораката за Јубилејот на младите (на возраст од 13 до 16 години), кој ќе се прослави во Рим на 24 април, годинава, на четвртата воскресна недела.

Папата Фрањо нагласи дека Светата година е време кога можеме да откриеме дека заедничкиот живот на браќата и сестрите е најубавата прослава која можеме да ја замислиме“, а која Исус нѐ научи да ја славиме во Духот. Јубилејот е прослава на која Исус сите нѐ повикува, не исклучувајќи никого. Поради тоа, објаснува Папата, посакав да поминам неколку дена во молитва и славење со вас.

Јубилејот на милосрдието е време на милост, мир, преобраќање и радост. Наменет е за сите: на луѓето од секоја возраст, оние кои се близу и оние кои се далеку. Нема ѕидови или далечини кои би можеле да спречат да нѐ допре милосрдието на Отецот и да нѐ прегрне, истакна Папата во пораката до младите, поттикнувајќи ги активно да се вклучат во прославата на Јубилејот. Би сакал да ве повикам секого од вас по име, како што тоа го прави Исус секој ден. Вие знаете дека вашите имиња се запишани на небото, во милосрдно срце на Отецот, кое е извор на секое помирување и благост, истакна папата Фрањо.

Секој момент од Светата година е можност за раст и светост, продолжува Папата во пораката. На младите им порача да останат постојани на патот на верата и да се доверат на Бога. Тој ни дава сила да пливаме против струјата. Тоа е добро за срцето, но за тоа треба храброст. Исус ни ја дава таа храброст, истакнува Папата, додавајќи дека Господ не ги избра христијаните за мали работи. Затоа, ги поттикна младите да бидат подготвени да тежнеат на најголемите принципи и да се залагаат за најблагородните идеали.

Папата ги спомна и младите кои минуваат низ војни, екстремна сиромаштија, секојдневни маки и осаменост. Им порача никогаш да не губат надеж, бидејќи, како што рече: „Бог има голем сон кој сака да го оствари со ваша помош.“ Вашите пријатели кои живеат во помалку тешки услови немаат заборавено на вас, напоменува Папата. Затоа ги поттикна да не се предаваат на пораката на омраза и терор, туку да стекнат нови пријатели, да го даруваат своето време и секогаш да бидат подготвени да пружат внимание на оние кои бараат помош. „Бидете храбри и одете против струјата; бидете Исусови пријатели“, тоа е желбата на Папата за младите.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот