Велигден во Ватикан повторно со ограничувања заради пандемијата

Велигден во Ватикан повторно со ограничувања заради пандемијата

Канцеларијата за печат на Светиот Престол на 23 март ја објави програмата за велигденските славења во Ватикан со ограничувањата кои ги налагаат епидемиолошките мерки во борбата против пандемијата со коронавирусот.

Папата Фрањо најголемиот христијански празник ќе го слави во речиси празната базилика Свети Петар заради многу ограничениот дозволен број на верници. Воскресното бдение ќе започне пак во попладневните часови заради полицискиот час кој во Италија започнува во 22.00 часот, а Воскресната света Литургија и обраќањето на папата Фрањо до Градот и светот нема да се слави на плоштадот Свети Петар, туку во предниот дел на базиликата.

И останатите славења во Великата седмица и воскресното време кои до 2019 година во Ватикан донесуваат десетици илјади поклоници ќе бидат драстично ограничени. Така и членовите на дипломатскиот кор акредитиран при Светиот Престол добиле известување дека нивното присуство не е предвидено.

Папата ја отвора Великата седмица на Цветници во недела на 28 март со света Литургија на олтарот на катедрата Свети Петар во 10.30 часот без свечената процесија во спомен на Исусовото влегување во Ерусалим. На Велики четврток Папата во 10.00 часот ќе служи света Литургија со посвета на елеј во тесен круг на свештеници од Римската бискупија, но нема да ја предводи Светата Литургија Вечера Господова која минатата година ја предводеше без обредот миење на нозе. Оваа година е највено дека светата Литургија во базиликата ќе ја предводи деканот на Кардиналскиот колегиум кардиналот Џовани Батиста Ре, со почеток во 18.00 часот.

На Велики петок Папата Фрањо ќе го предводи обредот Мака и поклонување на Крстот во 18.00 часот, а традиционалниот Крстен пат во Колосеумот се преместува како и минатата година на плоштадот Свети Петар со почеток во 21.00 часот, без учество на поклоници. Воскресното бдение на Велика сабота ќе започне во 19.30 часот и завршува половина час пред полицискиот час. Молитвата Царице небесна на Воскресен понеделник Папата ќе ја предводи од библиотеката во Апостолската палата со директен пренос на интернет како и сите останети прослави.

Денот на млади во Италија кој вообичаено се слави на Цветници е одложен за 21 ноември.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот