По молитвата Царице небесна, папата Фрањо повторно апелираше за крај на војната во Украина, мислејќи и на рибарите и работниците казнети од конфликтот; тој изрази и задоволство од прекинот на огнот во Јемен и жали за жртвите во неодамнешните обилни дождови во Бразил. Спомна и за беатификацијата на мачениците капуцини, отец Леонард Мелки и отец Томас Џорџо Салеха, кои беа прогласени во сабота 4 јуни 2022 во Бејрут, Либан.
По молитвата Царице небесна во недела 5 јуни 2022 година папата Фрањо ги потсети околу 25.000 верници собрани на плоштадот Свети Петар и верниците преку медиумите, дека денес е празник на кој Божјиот сон за човештвото станува реалност: 50 дена по Велигден, народите кои зборуваат различни јазици, се сретнуваат и се разбираат.
Но, сега, стотина дена по почетокот на вооружената агресија против Украина – додаде Светиот Отец – човечкиот род повторно го преживува кошмарот на војната што е негирање на Божјиот сон. Народи кои се судираат, народи кои меѓусебно се убиваат, луѓе кои наместо да се зближат, се гонат од нивните дом. И додека беснее лудилото на уништување и смрт, и се разгоруваат конфликтите, поттикнувајќи ескалација која е сè поопасна за сите, повторно апелирам до водачите на народите: не водете го човештвото во пропаст, ве молам! Не водете го човештвото во пропаст. Нека започнат вистински преговори, конкретни преговори за прекин на огнот и одржливо решение. Нека се слушнат очајничките крици на оние кои страдаат – тоа го гледаме секојдневно во медиумите; нека се почитува човечкиот живот, нека се запре страшното уништување на градови и села. Ве молиме, да продолжиме да се молиме и неуморно да работиме за мир – рече Папата.
Беатификација на двајца маченици капуцини во Бејрут
Светиот Отец потоа ја спомна беатификацијата во Бејрут, каде беа прогласени двајца монаси од редот на малите фратри капуцини: Леонардо Мелки и Томазо Џорџо Сале, свештеници и маченици убиени поради омраза кон верата во Турција, едниот во 1915 година, а другиот во 1917 година. Овие двајца либански мисионери, во непријателски контекст, дадоа докази за непоколеблива доверба во Бог и самоодрекување за другите. Нека нивниот пример го зајакне нашето христијанско сведоштво. Беа млади, немаа ни 35 години – истакна Папата.
Задоволство поради продолжување на примирјето во Јемен
Задоволство можеше да се почувствува во зборовите на Папата кога истакна дека примирјето во Јемен е продолжено за уште два месеци. Се надевам дека овој знак на надеж ќе биде уште еден чекор кон крајот на тој крвав конфликт што ја предизвика една од најтешките хуманитарни кризи на нашите денови. Ве молиме, да не заборавиме да мислиме на децата во Јемен кои страдаат од глад, уништување, недостаток на образование, недостаток на сè. Да мислиме на децата – поттикна папата Фрањо.
Молитва за жртвите од одронот во Ресифе, Бразил
Потоа Светиот Отец ги насочи своите мисли кон Бразил, ветувајќи ги своите молитви за жртвите од лизгање на земјиштето предизвикано од обилните дождови во провинцијата Ресифе. На крајот ја изрази својата близина со рибарите кои поради поскапувањето на горивата може да бидат принудени да престанат со својата работа. Тој ги спомна и сите други категории работници кои се тешко погодени од последиците од конфликтот во Украина.
Ватикан њуз/к.мк