Царице небесна: Исус никогаш не нѐ напушта затоа што неговото пријателство е вечно

Царице небесна: Исус никогаш не нѐ напушта затоа што неговото пријателство е вечно

Во своето пладневно обраќање пред молитвата Царице небесна во недела 5 мај 2024 година, папата Фрањо се осврна на пасус од Евангелието по Иван за повторно да нагласи дека за Исус ние сме сакани над сите заслуги и очекувања. Тој нè поттикна да се запрашаме: дали Христос за мене има лик на пријател или странец?

Пријателството е темата што беше во центарот на размислувањето на папата Фрањо во пладневното обраќање пред молитвата Царице небесна оваа недела, на 5 мај, за која зборуваше пред околу 20.000 верници и ходочесници собрани на плоштадот Свети Петар. Во своето обраќање Светиот Отец се осврна на евангелскиот дел (Иван 15,9-17) од неделната Литургија во кој Исус на своите ученици им вели: „Не ве нарекувам повеќе слуги, туку пријатели“.

Важноста на пријателството

Во библискиот јазик, зборот „слуга“ означува посебна личност на која и е доверена важна задача, но за Исус ние сме нешто повеќе, што ги надминува добрата и планови; затоа, за да ни каже кои сме ние за Него, Тој прибегнува кон друга реалност, нешто поголемо, а тоа е пријателството – објасни Папата и додаде:

Уште како деца учиме колку е убаво ова искуство: на пријателите им ги нудиме играчките и најубавите подароци; потоа, како што растеме, како адолесценти, им ги доверуваме нашите први тајни; како млади луѓе стекнуваме лојалност; како возрасни споделуваме задоволства и грижи; Како постари луѓе споделуваме спомени, мисли и тишини во долгите денови.

Вистинскиот пријател никогаш не заминува

Затоа папата Фрањо ги охрабри сите да мислат на своите пријатели и да му благодарат на Господа за нив и истакна дека пријателството не е резултат на пресметка или принуда; напротив, спонтаноста и посветеноста се белег на врската заснована на пријателство, која, ако е вистинско, никогаш не завршува:

Вистинскиот пријател не те напушта, дури и кога ќе згрешиш: те поправа, можеби те укорува, но ти простува и не те напушта.

Какво лице има Господ за мене?

Исус вели за нас дека сме негови пријатели, драги личности, без разлика на заслугите и очекувањата, со кои сака да го сподели она што му е најмило, а тоа е се што слушнал од Отецот. Затоа Папата предложи неколку прашања за да се фокусираме на нашиот однос со Него:

Да се запрашаме: какво лице има Господ за мене? Лице на пријател или странец? Дали чувствувам дека Тој ме сака како драга личност? И какво е лицето на Исус за кое им сведочам на другите, особено на оние кои грешат и имаат потреба од простување?

Марија нека ни помогне да растеме во пријателството со нејзиниот Син и да го шириме тоа пријателство околу нас – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот