Папата до дипломатите: Нема прекин на работата за мир

„На дипломатско ниво Светиот Престол никогаш нема да престане да работи, за да се слушне гласот на мирот до краиштата на земјата“. Ова е ветувањето на папата Фрањо упатено до акредитираните дипломати при Светиот Престол кои ги прими во Sala Regia во апостолската палата во Ватикан.

Во својот говор Папата истакна дека основниот приоритет на Светиот Престол е да се даде одговор за феноменот на миграциите и посебно ја повика Европа – покрај стравот, предизвикан од тероризмот – да не ги губи своите вредности и принципи на хуманост. Пораката на Папата е упатена не само кон присутните дипломати на средбата, туку кон сите, повикувајќи ги да го слушнат гласот на бројните очајни луѓе и да не запаѓаат во она чувство на рамнодушност кон ближниот, кое поттикнува игнорирање на човечката природа на другите и ги претвора луѓето во плашливи и цинични“.

Гласот на бегалците од ужасните војни

Папата Фрањо повика да се послуша гласот на илјадниците расплакани луѓе кои бегаат пред ужасните војни, прогони и прекршувањето на човековите права или поради политичка и социјална нестабилност. „Крик на оние кои се принудени да бегаат за да избегнат неискажливи варварства или мачеништво единствено поради верската припадност“. „Гласот на оние кои бегаат поради екстремната сиромаштија“. “Болно е да се констатира дека често овие мигранти не се внесуваат во меѓународните програми за заштита во основата на меѓународните договори“, истакна Папата и посака на Светскиот самит за хуманитарни прашања, свикан од ООН во мај, „да се стави човекот и неговото достоинство во јадрото на секој хуманитарен одговор. Потребни се ресурси, но пред сè политичка волја“, рече папата Фрањо.

Христијаните во прогонство

Папата Фрањо ја осуди „ароганцијата на властодршците кои манипулираат со слабите за себични цели или заради стратешки или политички интереси“ и изрази неодобрување кон тоа дека, често мигрантите се принудени да се обратат кон оние кои тргуваат со луѓе (…). Светиот Отец потсети дека многумина од тие мигранти, не би ја напуштиле никогаш татковината, ако не се принудени“ и меѓу нив „има и многу христијани, кои сѐ повеќе масовно ги напуштаат во последниве години родните земји, во кои живеат уште од почетокот на христијанството“. Многумина од нив би сакале да се вратат во своите земји, ако се обезбедат услови на безбедност и на егзистенција“, истакна Папата и потсети на многубројните христијани од Блискиот Исток, кои сакаат да придонесат, како полноправни граѓани, за благосостојба на своите народи“.

Трагедија, која може да биде запрена

Со реализам папата Фрањо наведува дека „голем дел од причините за мигрирање можеа да се решат одамна, спречувајќи на тој начин бројни катастрофи. Може да се направи многу за запирање на овие трагедии и за градење на мирот“. Сепак, за таа цел, „треба да се преиспитаат веќе постоечките практики и навики, почнувајќи од проблематиката поврзана со трговијата со оружје, проблемот со снабдување со суровини и енергија, инвестициите. Папата Фрањо повика на развивање на проекти на среднорочен и долгорочен план“, кои ќе преминат надвор од рамките на вонредни ситуации и ќе помогнат во интеграцијата на мигрантите во земјите -домаќини и ќе го поттикнат развојот на инклузивни политики со земјите на потекло“.

Европа, не заборавај која си

Посебен дел од говорот на папата Фрањо беше посветен на Стариот Континент, кој стана сведок, во својата нова историја, на невидени „огромни миграциски текови“. „Многу мигранти – појасни Папата – гледаат во Европа една потпорна точка за своите принципи, како еднаквост пред законот и вредностите утврдени во самата човечка природа“.Папата Фрањо констатира дека „често се запрашуваме за реалните можности на континуитетот и прилагодувањето на луѓето“. Но исто така и за безбедноста, „со екстремно остри стравови од  заканата на меѓународниот тероризам“. Миграциските случувања изгледа како да се „заканува на основите на оној хуманистички дух кој од секогаш Европа го сака и брани. Не можеме да си дозволиме да ги изгубиме вредностите и хуманите принципи на почитување на достоинството на секој човек, на субсидарността и меѓусебната солидарност“, дури и – признава папата Фрањо –„во некои моменти на историјата, тие да се претворат во неподнослив товар“.

Името на Бог да не се користи за да се убива

Во дел од својот говор Папата се задржа и на тероризмот по фундаметалистичка основа: „Единствено една идеолошка и искривена форма на религија може да мисли на правда во името на Севишниот, а намерно да убива невини луѓе, како што се случи при крвавите терористички напади во минатите месеци во Африка, Европа и на Блискиот Исток“.

Заканите против семејството

Потсетувајќи на Светската средба на семејствата во Филаделфија во септември минатата година, Папата ги цитираше „бројните предизвици со кои се соочува семејството во сегашно време и кои се закануваат со зголемувањето на обидите од страна на некои да ја редефинираат самата институција на бракот преку релативизмот, културата на преодност, недостатокот на отвореност кон животот“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот