Папата до амбасадорите: Изградете поправеден свет

Папата до амбасадорите: Изградете поправеден свет

Вонредни и ополnномоштени амбасадори на Сејшелските Острови, Мали, Андора, Кенија, Латвија и Нигер му ги врачија акредитивните писма на папата Фрањо кој ги поттикна да се ангажираат за општото добро и за одговорно управување со земјата

Во свет кој за жал е одбележан со граѓански, регионални и меѓународни конфликти, општествени поделби и нееднаквости, клучно е да се води конструктивен и креативен дијалог заснован на чесноста и вистината, со цел промовирање на поголема братска солидарност меѓу поединците и внатре во глобалната заедница – рече папата Фрањо за време на аудиенцијата, примајќи ги амбасадорите на Сејшелските Острови, Мали, Андора, Кенија, Латвија и Нигер, кои во таа прилика му ги предадоа акредитивните писма. Нашата денешна средба се одржува додека христијаните во целиот свет се подготвуваат за прослава на раѓањето на Оној на Кој му се обраќаме како Цар на мирот – рече Папата и додаде: Мирот е стремеж на целото човечко семејство. Тоа е патување на надежта кое меѓу останатото го вклучува дијалогот, помирувањето и еколошкото преобраќање.

Католичката Црква од своја страна се ангажира за соработка со секој одговорен партнер во промовирањето на доброто на секој човек и на сите народи – истакна Светиот Отец и изрази надеж дека мисијата на новите амбасадори ќе придонесе за зајакнување на добрите односи меѓу нивните земји и Светиот Престол, но и за градење на поправеден и помирен свет во кој се почитува и цени човечкиот живот, достоинството и правата.

Патот до мирот започнува со отвореноста за помирување. Станува збор за откажувањето од желбата за превласт над другите и за тоа да научиме во другиот да препознаеме личност, дете Божјо и брат. Дури кога ќе ги ставиме на страна рамнодушноста и стравот, можеме да растеме и напредуваме во вистинска атмосфера на взаемно почитување, што за возврат води до развој на културата на вклучување и до поправеден економски систем и разни можности за сите да учествуваат во општествениот и политичкиот живот.

Вашето присуство е знак на одлучност на земјите кои ги претставувате, како и на целата меѓународна заедница во отстранувањето на неправедите, дискриминацијата, сиромаштвото и нееднаквостите кои го погодуваат нашиот свет и ја загрозуваат надежта и стремежот на идните генерации – рече Папата и додаде: Сè почесто забележуваме дека воспоставувањето на мирот го спречува и непочитувањето на нашиот заеднички дом, а посебно насилното искористување на природните богатства во кои се гледа само извор на непосреден профит, без оглед на цената која притоа ја плаќаат локалните заедници и самата природа. Нашиот свет се соочува со серија сложени предизвици со цел одржливост на животната средина кои не се однесуваат само на сегашноста, туку и на непосредната иднина.

Неодамнешната синода за панамазонското подрачје повика на повторно уважување на односите помеѓу заедницата и земјата, помеѓу сегашноста и иднината и помеѓу искуството и надежта. Посветеноста на одговорното управување со земјата и со нејзните богатства итно е потребна на сите нивоа, од семејно воспитување и општествен и граѓански живот сè до политичките и економските одлуки. Општото добро и доброто за домот во кој живееме бараат заеднички труд за да се продолжи цветање на животот и интегрален развој на секој член на нашето човечко семејство – рече папата Фрањо и на крајот на амбасадорите, на нивните семејства, соработници и сограѓани повика Божји благослов посакувајќи им среќни божиќни празници.

Ватикан њуз/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот