„Благословен е Царот, Кој доаѓа во името Господово!“ (Лука 19,38). Така, мноштвото го фали Исус кога тој влегува во Ерусалим. Месијата минува низ портата на светиот град, ширум отворена, за да го пречека Оној кој неколку дена подоцна ќе излезе проклет и осуден носејќи го крстот.
И ние денеска го следиме Исус, најпрвин со празнична поворка, а потоа по патот на страдањето, означувајќи го почетокот на Страсната седмица, која нè подготвува за славење на страдањата, смртта и воскресението Господово.
Додека гледаме во мноштвото лица на војниците и солзите на жените, нашето внимание го привлекува еден странец чие име одеднаш се појавува во Евангелието: Симон Киринеец. Овој човек бил „фатен“ од војниците, на кој му „го кладоа крстот, за да го носи по Исуса“. (Лука 23,26) Во тој момент се враќаше од полето, поминувајќи оттаму, и наиде на таа ситуација, која го влечеше надолу, како тешкото дрво на рамениците.
Додека одиме кон Голгота, да размислиме за момент на гестот на Симон, да го бараме неговото срце, да ги следиме неговите стапки блиску до Исус.
Пред сè, неговиот гест, кој е толку двосмислен. Од една страна, навистина, Киринеецот е принуден да го носи крстот: тој не му помага на Исус од убедување, туку е принуден. Од друга страна, тој лично е учесник во страдањата Господови. Крстот на Исус станува крст на Симон. Но, не на Симон, наречен Петар, кој ветил дека секогаш ќе го следи Учителот. Тој Симон исчезнал во ноќта на предавството, откако рекол: „Господи, готов сум да одам со Тебе и в затвор, и на смрт” (Лука 22:33).
Сега по Исус не оди ученикот, туку Киринеецот. Иако Учителот јасно кажа: „Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Мене!“ (Лука 9,23). Симон Галилеецот зборува, но не дејствува. Симон Киринеец делува, но не зборува: нема дијалог меѓу него и Исус, не се изговара ниту збор. Меѓу него и Исус стои само дрвениот крст.
За да сфатиме дали Киринеецот дојде да му помогне или го мразел немоќниот Исус, со кого морал да ја сподели болката, за да разбереме дали го носи или го придржува крстот, мора да погледнеме во неговото срце. Додека Божјото срце се отвора, прободено од болка што ја открива Неговата милост, срцето на човекот останува затворено. Не знаеме што има во срцето на Киринеецот.
Да се ставиме на негово место: дали чувствуваме лутина или сочувство, тага или иритација? Ако се сеќаваме што направи Симон за Исус, тогаш да се потсетиме и што направи Исус за Симон – како и за мене, за вас, за секој од нас: тој го откупи светот. Дрвениот крст што го држи Киринеецот е Христов, кој го носи гревот на сите луѓе. Го носи од љубов кон нас, во послушност кон Отецот (Лука 22,42), страдајќи со нас и за нас. Токму тоа е неочекуваниот и импресивен начин на кој Киринеецот е вклучен во историјата на спасението, каде што никој не е туѓинец, никој не е странец.
Тогаш, да ги следиме стапките на Симон, бидејќи тој нè учи дека Исус им помага на сите, во секоја ситуација. Гледаме мноштвото мажи и жени кои шират омраза и насилство на патот кон Голгота и да се потсетиме дека Бог го претвори тој пат во место на откупување, бидејќи по него помина, давајќи го својот живот за нас. Колку Киринејци го носат Христовиот крст! Дали ги препознаваме? Го гледаме ли Господа во нивните лица, измачувани од војна и страдање? Пред суровата неправда на злото, носењето на крстот Христов никогаш не е залудно; дури и ова е најконкретниот начин на споделување на неговата спасоносна љубов.
Страдањата Христови стануваат сочувство кога пружаме рака кон оние кои повеќе не можат да се справат, кога ги креваме паднатите, кога ги прегрнуваме обесхрабрените. Браќа и сестри, за да го доживееме ова големо чудо на милосрдието, во Страсната седмица да избереме како да го носиме крстот: не на рамениците, туку во нашите срца. Не само нашите, туку и оние кои страдаат до нас; можеби на некоја непозната личност, со која случајно сме се сретнале – но дали е тоа само случајност?. Да се подготвиме за Христовото Воскресение со тоа што ќе станеме Киринејци еден за друг“.
Ватикан њуз/к.мк