Папата Фрањо во аудиенција ги прими новите амбасадори во Светиот Престол од Етиопија, Замбија, Танзанија, Бурунди, Катар и Мавританија, кои по тој повод му ги врачија акредитивните писма. Светиот Отец се осврна на трагедијата на конфликтите во Судан, Украина, Газа и Хаити, како и на драмата со присилната миграција.
Од една страна, „семејството на народите“ е измачувано од трагедијата на граѓанските, регионалните и меѓународните конфликти, а од друга, дипломатијата дејствува во име на општото добро, заштитата на основните права и градењето на култура на братска солидарност и соработка – ова го истакна папата Фрањо на аудиенцијата на 8 јуни 2024 година на која прими прими шест нови амбасадори кои по тој повод му ги врачија акредитивните писма.
Меѓународната заедница како „семејство на народи“
На дипломатските претставници од Етиопија, Замбија, Танзанија, Бурунди, Катар и Мавританија, Папата истакна три водечки зборови за нивната служба: семејство, надеж и мир.
Сликата на семејството применета на меѓународната заедница е соодветна, бидејќи семејството е првото место каде што се живеат и пренесуваат вредностите на љубов и братство, заеднички живот и споделување, внимание и грижа за другите (енциклика Fratelli tutti, 114).
Трагедијата на конфликтите во Украина и Газа
Задачата на дипломатијата – истакна Папата – е токму промоција и развој на овие вредности, кои се апсолутно неопходни за целосен развој на една личност и напредок на еден народ, особено во тешки контексти:
За жал, ткивото на семејството на народите денес е измачувано од трагедијата на граѓанските, регионалните и меѓународните конфликти. Само помислете на она што се случува во Судан, Украина, Газа и Хаити, да наведеме само неколку примери.
Хуманитарни кризи, присилна миграција, трговија со луѓе
Римскиот бискуп не заборави да ги спомене и повеќекратните хуманитарни кризи кои владеат во различни делови на светот, луѓе лишени од домување, храна, вода и соодветна здравствена заштита. Се осврна и на присилната миграција, злото на трговијата со луѓе, трагичните ефекти од климатските промени, глобалната економска нерамнотежа, како и падот на наталитетот во многу земји.
Бидете знаци на надеж
Соочени со такво сценарио, можеме да одговориме со далекусежен, конструктивен и креативен дијалог и надеж:
Надежта нè наведува да го препознаеме доброто што е присутно во светот и ни дава сила што ни е потребна да се соочиме со предизвиците во нашите денови. Затоа, драги амбасадори, со задоволство мислам на вас како знаци на надеж, бидејќи вие сте жени и мажи кои се трудат да градат мостови, а не ѕидови меѓу народите.
Затоа, желбата на Папата е да се воспостави поправедно и похумано општество во кое сите ќе бидат прифатени и во кое на секој ќе му бидат обезбедени неопходните можности за заеднички напредок на патот на братството и мирен заеднички соживот.
Мирот е резултат на односите кои го препознаваат достоинството на другиот
Папата потоа се осврна на третиот водечки збор, „мир“ кој – како што рече – е плод на односите што го препознаваат и прифаќаат другиот во неговото неотуѓиво достоинство (Порака за Светскиот ден на мирот 2024 година):
Само кога ќе ги оставиме настрана рамнодушноста и стравот, може да се појави вистинско расположение за меѓусебно почитување кое води до трајна хармонија.
Да се биде градител на мирот, значи меѓународната заедница да се соочи со неправдите, дискриминацијата, сиромаштијата и нееднаквоста што го засегаат светот – истакна на крајот папата Фрањо во својот говор пред новите амбасадори.
Новите амбасадори во Светиот Престол – четири жени и двајца мажи – се Малет Хаилу Гуадеј (Етиопија), Мацење Мазока (Замбија), Хасан Иди Мвамвета (Танзанија), Анончијата Сендазираса (Бурунди), Асма Наџи Хусаин Ал-Амри (Катар) и Мохамед Тахја Теис (Мавританија).
Ватикан нуз/к.мк