Папата го упати својот благослов до градот и светот

Папата на Божиќ во своето обраќање на Градот и светот рече дека Божјото милосрдие може да го ослободи човештвото од многу облици на злото кои се плод на себичноста. Божјата милост може да ги преобрати срцата и да ги отвори патиштата за излез од нерешлива ситуација.

Католици.мк го пренесува во целост говорот на Папата на традиционалното обраќање Urbi et Orbi.

Драги браќа и сестри, Среќен Божиќ!

Христос се роди за нас, да се радуваме на денот на нашето спасение! Да ги отвориме своите срца за да ја примиме милоста на овој ден Која е Тој самиот: Исус е светлината на „денот“ која се појавила на хоризонтот на човештвото. Ден на милосрдието во кој Бог ја откри на човештвото својата бескрајна нежност. Ден на светлината кој го распрснува мракот на стравот и вознемиреноста. Денот на мирот во кој станува можно да се сретнеш, да разговараш, да се помириш. Ден на радоста: „голема радост“ за малите и понизните, за целиот народ (Лк 2, 10).

На тој ден од Дева Марија е роден Исус, Спасител. Јаслите ни овозможуваат да го видиме „знакот“ кој Бог ни го даде: „повиен Младенец, како лежи во јасли.“ (Лк 2, 12). Како пастирите во Витлеем и ние одиме да го видиме овој знак, овој настан кој секоја година се обновува во Црквата. Божиќ е настан кој се обновува во секое семејство, во секоја парохија, во секоја заедница која со љубов го прифаќа Бог овоплотен во Исус Христос.

Како Марија Црквата на сите го покажува Божјиот „знак“: Детето Кое таа го носела во прегратката и го даде за светло, а Кој е Син на Севишниот затоа што „доаѓа од Светиот Дух“ (Мт 1, 20). Затоа Тој е Спасител затоа што е Јагнето Божјо кое ги зема гревовите на светот (Ив 1, 29). Заедно со пастирите да паднеме ничкум пред Јагнето да се поклониме на Божјата добрина која стана Тело и дозволи солзите на покајанието да ги исполнат нашите очи и да ги измијат нашите срца. Тоа ние е  потребно на сите нас.

Единствено Тој, единствено Тој може да нè спаси. Само Божјото милосрдие може да го ослободи човештвото од многу облици на злото, понекогаш монструозни кои се плод на себичноста. Божјата милост може да ги преобрати срцата и да ги отвори патиштата за излез од ситуацијата – човечки кажано – нерешливата.

Каде што се раѓа Бог се раѓа надежта. Тој донесува надеж. Каде што се раѓа Бог се раѓа мирот. А каде што се роди мирот нема место за омраза и војна. Сепак токму таму каде што дојде на светот Синот Божји, Кој стана Тело и понатаму има тензии и насилство и мирот останува дар на кој треба да се повикува и да се гради. Израелците и Палестинците да продолжат со директен дијалог и постигнување на договор кој ќе овозможи двата народа да живеат во хармонија надминувајќи го конфликтот кој веќе премногу долго ги спротивставува со сериозни последици за целиот регион.

Да Го молиме Господ договорот во Обединетите нации што порано да го замолчи татнежот на оружјето во Сирија и да помогне на тешката хуманитарна ситуација на исцрпеното население. Исто така итно е потребно договорот за Либија да има поддршка од сите за да се надминат сериозните поделби и насилството кое ја оптеретува земјата.

Нека вниманието на меѓународната заедница биде еднодушно насочено на насилството кое како во тие земји така и во Ирак, Јемен и Африка под Сахара и понатаму собира бројни жртви нанесувајќи огромно страдање и не го штеди ниту историското ниту културното наследство на тие народи. Моите мисли се упатени на оние кои се погодени со бруталните дела на тероризмот посебно неодамнешните масакари кои се случија под египетското небо, во Бејрут, Париз, Бамако и Тунис.

Нека на нашите браќа прогонувани во многу делови во светот заради верата Детето Исус им дарува утеха и сила. Да молиме за мир и слога на саканите народи во Демократската Република Конго, Бурундија и Јужен Судан преку дијалогот да го зацврстат заедничкиот напор во градењето на граѓанско општество водено од искрен дух на помирување и меѓусебно разбирање.

Нека Божиќ донесе вистински мир и во Украина, да пружи олеснување на оние кои се погодени од последиците на конфликтот и поттикне волја за завршување на договорот за да се врати слогата во целата земја. Нека радоста на овој ден блесне на сите напори на колумбискиот народ воден од надежта упорно да продолжи да го бара саканиот мир.

Каде што се раѓа Бог се раѓа надежта; а каде што се раѓа надежта луѓето повторно го наоѓаат своето достоинство. Сепак и денес мноштво мажи и жени се лишени од своето човечко достоинство и – како детето Исус – трпат ладно, сиромаштво и отфрленост од луѓето. Нека денес нашата близина стигне до најнезаштитените, посебно децата – војници, жените кои трпат насилство; до жртвите на трговија со луѓе и криумчарење на дрога.

Нека нашата утеха не недостасува на оние кои бегаат од сиромаштвото или војната, патувајќи премногу често во нехумани услови, неретко ризикувајќи си го животот. Нека бидат наградени со изобилен благослов, поединци и држави кои великодушно настојуваат да помогнат и да примат бројни мигранти и бегалци помагајќи им да градат достоинствена иднина за себе и за своите најмили и да се адаприраат во општеството кое ги прима.

На овој ден на славење нека Господ ја обнови надежта на оние кои немаат работа – и да ги поддржи напорите на оние кои имаат јавна одговорност на политичко и економско поле за да се залагаат за остварување на заедничкото добро и да го штитат достоинството на секој човечки живот.

Каде што се раѓа Бог цвета милосрдието. Тој е најскапоцениот дар кој Бог ни го искажува посебно во оваа јубилејна година во која сме повикани да ја откриваме нежноста која нашиот небесен Отец ја има во односот со секој од нас. Нека Господ посебно на затворениците им даде да ја доживеат милосрдната љубов која ги лекува раните и го победува злото.

Така денес заедно се радуваме во денот на нашето спасение. Гледајќи ги јаслите да го насочиме погледот на раширените Исусови раце кои ни ја покажуваат милосрдната порака на Бог додека го слушаме плачот на Детето кое шепоти: „Поради браќата мои и блиските мои зборував за мир со тебе!“ (Псалм 121 8)

(Папата по Градот и светот – согласно условите кои ги пропишува Црквата даде потполн опрост(Indulgentia plenaria)).

На вас драги браќа и сестри кои дојдовте на плоштадот од сите делови на светот како и на вас кои сте поврзани (со нас) преку радио, телевизија или другите средства за комуникација ги упатувам своите срдечни честитки. Божиќ е во Светата година на милосрдието и на сите посакувам во својот живот да можете да го прегрнете Божјото милосрдие кое ни го подари Исус Христос за да бидете милосрдни кон браќата. Така ќе постигнеме да расте мирот! Среќен Божиќ!

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот