Папата го прими ерменскиот Католикос Карекин II

Светиот Отец на 8 мај го прими во аудиенција Карекин II Католикос на сите Ерменци со неговата придружба. По средбата, папата Фрањо и Карекин II заедно се собраа во молитва во капелата Редемторис Матер. Во својот говор Светиот Отец ги спомна бројните маченици синови на ерменскиот народ и истакна дека крвта на мачениците е семе за нови христијани.

На само неколку чекори од гробот на апостол Петар, браќата во Христос заедно молат и творат момент на братство. Во таков едноставен и длабок дух се одржа средбата на папата Фрањо со Карекин II. Тоа е момент од големо екуменско значење, како што истакна Папата и потсети на историската посета на свети Иван Павле II на Ерменија во 2001 година, а продолжи понатаму да се одржува тоа заедништво и преку средбата на Карекин со Бенедикт XVI во 2008 година.

Папата Фрањо во говорот го спомна големото трпење на синовите на ерменскиот народ кои имаат „почесно место“ во мачеништвото на XX век. Притоа истакна дека нивното сведоштво, трагично истовремено и возвишено, не смее да биде заборавено. Размислувајќи за крвта на мачениците која стана семе за единство, Светиот Отец рече дека страдањата кои христијаните ги преживеале последите децении, дале единствен и непроценлив придонес и единство на Христовите ученици.

Како што во Првата Црква крвта на мачениците стана семе за нови христијани така и во нашиот период крвта на бројни христијани стана семе за единство. Екуменизамот на трпење, екуменизамот на мачеништво, екуменизамот на крв е силен повик на одење по патот на помирување меѓу Црквите и тоа одлучно препуштајќи се со доверба на делувањето на Духот – истакна папата Фрањо. Се чувствуваме должни да поминеме по тој пат на братство, исто така поради потребната благодарност која ја имаме кон трпењето на бројните наши браќа – рече Папата и додаде дека тоа трпење станало спасително, бидејќи е соединето со Христовата мака.

Светиот Отец потоа заблагодари на Карекин II за вистинската поддршка во екуменскиот дијалог, а посебно поради работата на заедничката комисија за теолошки дијалог помеѓу Католичката Црква и Источните Православни Цркви како и за стручниот теолошки придонес кои го дале неговите претставници. Воздигнувајќи потоа молитва за единство на христијаните и за ерменскиот народ, Папата поттикна: да молиме едни за други; Светиот Дух нека нѐ просветли и нѐ води кон посакуваниот ден кога ќе можеме заедно да учествуваме на евхаристиската гозба – рече папата Фрањо.

Карекин II пак му заблагодари на папата Фрањо и го нарече „храбар Папа“ поради неговото послание кое го извршува со неуморна пожртвуваност. Освен тоа, изрази надеж дека двете Цркви ќе ја зацврстат соработката за да се соочат со предизвиците на денешниот свет. Спомнувајќи ги на крајот страшните страдања кои ерменскиот народ ги преживеа во минатиот век, Карекин II повторно ги осуди сите видови на насилство и војни кои – како што рече – се спротивни на Божјата волја.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот