Папата го напиша предговорот за новата книга за Мајка Тереза

Папата Фрањо го напиша преговорот на книгата „Да го љубиме нељубениот“ која што на 22 јули 2016 година ја објави италјанскиот весник „Кориере дела Сера“, а во која издавачката куќа ЕМИ собрала два необјавени говори на Мајка Тереза кои што во 1973 година ги упатила до младите и монасите и монахињите во Милано.

Папата своето размислување го резимираше во пет збора: молитва, љубов, делотворно милосрдие, семејство и млади. Светиот Отец најпрво зборува за молитвата и потсетува како „Мајка Тереза својот ден го започнувала со учествување на света Литургија, а го завршувала со обожавање пред Пресветата Евхаристија, бескрајната љубов. Така е можно работата да се претвори во молитва.“ Ако влеземе во Исусовите чувства можеме да уживаме во животот и да го даруваме обновениот поглед на оние кои ги среќаваме – пишува папата Фрањо.

Вториот збор е љубов кој значи, објаснува Папата, да се приближиш до перифериите, до мажите и жените кои секој ден ги среќаваме и да се има сочувство за последното во телото и духот и да станеме сведоци на Божјата благодат за секоја рана на човештвото за да им се понуди на луѓето Божјото присуство и близина.

Зборувајќи за делотворното милосрдие, Папата вели дека сме повикани со делата на телесното и духовното милосрдие да се грижиме за секој човек. Така ќе ја разбудиме својата често заспиена совест пред драмата на сиромаштвото и сѐ повеќе ќе навлеземе во срцето на Евангелието каде што сиромашните се миленици на Божјото милосрдие. Мајка Тереза таа страница од Евангелието ја направила водач за својот живот, на патот кон светоста, а тоа би можела да стане и за нас – истакнува Папата.

Осврнувајќи се на семејството, Папата вели дека во него се учиме од таткото и мајката едни на други да се веселиме, взаемно да се простува, прифаќа, едни за други да се жртвуваме, бесплатно да се даруваме, заедно да се молиме и да трпиме, да се радуваме и едни на други да си помагаме како што нè повикува Мајка Тереза – рече Светиот Отец.

Папата на крајот се обраќа до младите со кои следната недела ќе се сретне на Светскиот ден на млади во Краков. Папата ги повикува да бидат „градители на мостови за скршената логика на поделбите, отфрленоста, стравот едни од други и да се стават во служба на сиромашните. Ги поттикнува храбро да се соочат со животот кој е Божји дар и да не дадат да им ја украдат иднината која е во нивни раце. Мајка Тереза која Папата ќе ја прогласи за света на 4 септември во книгата тврди дека не се најтешки болести лепрата или туберколозата, туку осаменоста. Таа е причина за многу нереди, поделби и војни кои денес нè мачат.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот