Папата Фрањо преку видео порака се обрати до учесниците на четвртата светска средба на народните движења и упати силен апел до светските моќници да работат за поправеден, посолидарен и побратски свет. Папата бара бришење на долговите на сиромашните земји, забрана на оружјето, прекин на агресијата и санкциите и укинување на патентите за вакцините против болеста Ковид-19, за да имаат сите пристап до вакцината. Освен тоа даде два предлога кои треба веднаш да се остварат: минимална плата и скратување на работниот ден.
Говорот кој папата Фрањо го упати до народните движења означува уште една етапа во ангажирањето на Црквата за да поддржи промена на економско-финансиската парадигма од дното преку вреднување на народните инстанци, посредничките тела и оние кои системот ги отфрлил. Папата на своите соговорници им се обраќа нарекувајќи ги „општествени писатели“, им се заблагодарува за она што го прават и за она за што предупредуваат и ја истакнува прехранбената криза која ова година погоди уште 20 милиони луѓе и предизвика жртви кои би можеле да ги надминат жртвите од болеста Ковид-19.
Папата поттикнува да се променат структурите кои социјалната наука на Црквата ги нарекува „структури на гревот“ затоа што – и покрај тоа што понекогаш се кажува и на католичкото подрачје, не е доволна иако сѐ уште потребна лична промена, туку премногу е потребно да се прилагодат нашите општествено-економски модели кои во голем број случаи го загубија човечкото лице. Постојано повикувајќи се на начелата содржани во Компендиумот на социјалната наука на Црквата, која ја сакаше Иван Павле II, папата Фрањо бара да излеземе од пасивното прифаќање заради кое често кажуваме: „нема алтернатива“ или пак „тоа е единствен можен систем.“
Новост е пораката на Папата во бројот и специфичностите на апелот „во Божјо име“, кој го доведува во прашање актуелниот систем. Упатувајќи единаесет апели кои сите започнуваат со зборовите: Молам, во Божјо име, Папата од големите лабаратории бара да се укинат патентите за вакцините за секоја личност да има пристап до вакцина; од финансиските групи и меѓународните кредитни институции бара да се дозволи сиромашните земји да му ги обезбедат на сопствениот народ најосновните потреби и да им ги простат долговите кои често се направени против интересите на самите нивни народи.
Од големите компании во екстративната индустија бара да престанат да ги уништуваат шумите, мочуриштата и планините, да престанат да ги загадуваат реките и морињата, и да ги трујат луѓето и храната. Големите прехранбени компании Папата ги поттикнува да престанат да ги наметнуваат монополистичките структури на производство и дистрибуција кои ги набиваат цените и на крајот го скратуваат лебот на гладните. Од произведувачите и трговците со оружје бара целосно да престанат со своите активности кои поттикнуваат насилство и војна. Технолошките гиганти ги повикува да престанат да ја искористуваат човечката слабост, ранливоста на луѓето, заради заработка; додека оние телекомуникациските да го ослободат пристапот до образовните содржини и меѓусебната размена со наставниците преку интернет за сиромашните деца да можат да се стекнат со образование во контекст на карантинот.
Од средствата за комуникација Папата бара да се прекине со логиката пост-вистина, дезинформации, озборување, клевети и болна привлечност за скандал и превирања и да се настојува да се придонесе за човечкото братство и емпатија со најранливите лица. Моќните земји Папата ги поттикнува да ја запрат агресијата, блокадите и едностраните санкции против било која земја во било кој дел на светот и истакнува дека конфликтите треба да се решаваат на мултулатерални инстанци како што се Обединетите нации.
Од последните два апели еден е упатен до владите и политичарите, да ги претставуваат своите народи и да работат за општото добро; додека другиот е упатен до верските лидери, името Божјо никогаш да не го користат за поттикнување на војни или државни удари.
На крајот, Папата на народните движења им предлага два конкретни начини на ангажирање кои се однесуваат на борбата за универзална плата и за скратување на работниот ден за повеќе луѓе да имаат пристап до пазарот на трудот. Папата Фрањо е свесен за приговорите на оние кои тие цели ги сметаат за недостижни. Но, се истакнува – тие имаат способност да нѐ придвижат нас. Колку повеќе луѓе ќе сонуваат заедно за таа промена, настојувајќи да ја остварат, толку повеќе сонот може да стане реалност.
Ватикан њуз/к.мк