Папата ги поддржува украинските меѓуверски напори како конкретен пример за сведочење на мирот
Папата Фрањо прими делегација на Украинскиот совет на цркви и верски организации и им се заблагодари на членовите за нивното сведочење за мирот и напорите да се изгради пат за заедничко добро на сите луѓе во Украина, која е разурната од војна
На 25 јануари Светиот Отец ги прими членовите на Украинскиот совет на цркви и верски организации (UCCRO) на аудиенција во Ватикан и им се заблагодари за нивната работа, опишувајќи ја нивната посветеност како конкретно сведоштво за мирот во земјата која страда поради војната.
Обраќајќи се пред делегацијата на UCCRO пред Генералната аудиенција, Папата ја поддржа соработката на групите членки, за кои рече дека заедно ги поддржуваат најпотребните, бранејќи ги правата на верниците од сите конфесии и залагајќи се за почитување на човековите права.
Му благодарам на Бога затоа што оваа средба на некој начин ми овозможува близок контакт со украинскиот народ кој беше постојано присутен во моите молитви во последните месеци, рече Папата.
Украински совет на цркви и верски организации
UNCCRO е основана во 1996 година и има претставници на 15 цркви и верски организации и 1 меѓуцрковна организација, вклучувајќи православни, католички (источен и западен обред), протестантски и евангелистички цркви, како и еврејски и муслимански верски заедници, со што претставуваат повеќе од 90% на сите верски организации во Украина.
Папата истакна дека меѓуконфесионалната реалност која ја претставува делегацијата може целосно да учествува во животот на земјата, обидувајќи се да одговори на општествените предизвици, со јавни интервенции и различни активности, кои во последно време се нужно поврзани со драматичната актуелна ситуација.
Сакам да ви кажам дека сум со вас во поддршката на семејствата, децата, старите, болните, најчувствителните луѓе, истакна Светиот Отец.
Јас сум со вас, продолжи Папата, во одбраната на правата на верниците од секоја верска заедница, посебно оние кои трпат злоставување и прогонство. Јас сум со вас во вашите напори да им помогнете на затворениците и на оние кои се затворени од политички причини. Ги поддржувам вашите напори за враќање на почитувањето на принципите и нормите на меѓународното право и основните човекови права од сите страни.
Меѓурелигиската соработка е милост од Бога
Папата ја поддржа меѓурелигиската соработка, велејќи дека смета дека е Божја милост што за сите иницијативи се решава заеднички и се спроведуваат заедно, како браќа.
Ова е конкретно сведоштво за мирот во земјата која страда од војна, истакна римскиот епископ.
Да се подготвиме за утре
Вашата работа, придружена со истрајност и храброст, е ефективна подготовка за утре, за мир, во кој економските и политичките интереси кои предизвикуваат војна конечно ќе отстапат место на заедничкото добро на народот, истакна Папата.
Потоа своето обраќање Папата го заврши им кажа на присутните дека секој ден се моли за мир и за саканиот украински народ.
Ватикан њуз/к.мк