Папата ги повика световните институти да не се изолираат

Папата ги повика световните институти да не се изолираат

Во времето во кое живееме заради тешкотиите можеме да паднеме во искушение да се изолираме во сопствените удобни и сигурни рамки, потребно е да делуваме, „да бидеме внатре“ во светот, како присуство кое преобразува во евангелска смисла – истакна папата Фрањо во пораката до учесниците на дводневната средба која започна на 28 октомври 2017 година во Рим, на тема „Понатаму и во средина. Световните институти: приказни за ревност и пророштво за Бог и за светот.“ Средбата е во организација на Италијанската конференција за световни институти, под покровителство на Конгрегацијата за институти на посветен и друштва со апостолски живот.

Светиот Отец во пораката потсетува на 70 годишнината од апостолската конституција „Provida Mater Ecclesiae“, документ на Пио XII, за кој папата Фрањо вели дека во одредена смисла е револуционерен, бидејќи оцртува нов облик на посветување. Станува збор за посветување на верникот лаик и дијецезанските свештеници, повикани да ги живеат евангелските совети во световност во која се предадени преку својата положба во животот или преку пасторалната служба.

Световните институти го поврзуваат посветувањето и световноста – објасни Папата – и тоа практикувајќи го апостолатот на сведочење, на евангелизација, која се однесува на посебни свештеници, и христијанското заземање во општествениот живот, кое најмногу се однесува на лаици. На тоа се придружува братството кое, иако не е одредено за заедништво на животот, сепак тоа е вистинско заедништво – рече папата Фрањо.

Денес затоа е важно посланието да се биде во Христос и во неговиот Дух, понизни и занесени носители на смислата во светот и во историјата, со секогаш нова воодушевеност кон Исус, од неговиот единствен начин на живот и љубов, среќавање со луѓето, оздравување на животи и донесување на утеха. Заради тоа „да се биде внатре во светот“ – додаде Папата – не е само социолошка состојба, туку теолошка реалност која ни овозможува да бидеме внимателни, да видиме, слушаме, да се сожалуваме, заедно да се радуваме, и да ги насетуваме потребите.

Тоа опфаќа во сите ситуации во кои се наоѓаме, конкретно да го донесуваме Словото кое го слушаме од Бог. Тоа на крајот „во вистинска смисла“ ја карактеризира лаичноста, односно – како што рече Папата – треба да знаеме да го кажеме оној збор кој Бог има да го каже за светот, станувајќи внимателни на реалноста и воедно на Божјото таинство. На крајот Светиот Отец ги поттикна присутните да се молат, да размислуваат, да делат и охрабруваат и да чувствуваат симпатија за светот и за другите, па и тогаш кога прават сè како би биле поразени.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот