Зборувајќи со Мисионерите облати на Безгрешна Марија, кои ги прими во аудиенција по повод нивното Генерално собрание, Папата истакна дека среде човечките трагедии треба да се сведочи за радоста и мирот и ги поттикна на заедништво, кое е предизвик од кој може да зависи иднината на нашиот заеднички дом.
Крикот на земјата и сиромашните, војните и конфликтите кои ја пролеваат крвта на човечката историја, тешката ситуација на милиони мигранти и бегалци, економијата што ги прави богатите побогати, а сиромашните посиромашни, се некои од аспектите на сценариото во кое само евангелието може да ја задржи запалена светлината на надежта – вакви зборови употреби папата Фрањо за да го опише денешниот свет кога им се обрати на Мисионерите облати на Безгрешна Марија, кои ги прими во понеделник 3 октомври 2022 година. Ова е свет кој сè уште е роб на себичноста и полн со противречности и поделби, во кој ова монашко семејство, основано од свети Ежен де Мазенод, е повикано да го донесе евангелието на надежта, радоста и мирот.
Во мисија на периферијата на светот
Тргнувајќи од темата на Генералното собрание „Поклоници на надежта во заедништво“, Папата потсети на одлуката на монасите да откриваат и да живеат како патници на овој свет, покрај мажите и жените, сиромашните и последните на земјата, како и свети Ежен, кој во мисиите во селата во Прованса, на преминот меѓу XVIII. и XIX. век, ги врати во вера сиромашните кои се оддалечија од Црквата и кои дури беа напуштени од црковните служители. Тој додаде дека е трагедија кога служителите на Црквата ги напуштаат сиромашните и укажа на посветеноста на Мисионерите облати на Безгрешна Марија во 70 земји во светот, на периферијата, кон најоддалечените, најсиромашните, оние кај кои никој не оди.
Мисионери на надежта
Римскиот епископ потоа се осврна на нивната одлука да бидат сведоци на надежта, крепост, која изгледа денешниот свет ја изгубил и која изворот на својата среќа го бара на друго место. Да се биде мисионери на надежта значи да знаете да ги читате знаците на нејзиното присуство скриено во секојдневниот живот на луѓето – рече Папата и додаде: Тоа значи да научите да ја препознавате надежта кај сиромашните кај кои сте испратени, кои честопати успеваат да ја најдат во најтешките ситуации. Ова значи да дозволите да бидете евангелизирани од сиромашните што ги евангелизирате; тие ве учат на патот на надежта, за Црквата и за светот.
Секојдневниот предизвик на заедништво
Заедништвото е целта што монасите сакаат да ја постигнат во секојдневниот живот. Според Папата, заедништвототѓ денес е предизвик од кој може да зависи иднината на светот, Црквата и посветениот живот. За да бидеме мисионери на заедништвото, пред се мора да го живееме меѓу себе, во нашите заедници и во меѓусебните односи и да го негуваме со сите без исклучок – рече папата Фрањо и ги охрабри да бидат промотори на единството преку солидарност, близина, синодалност и братство со сите.
Грижа за заеднички дом
Што се однесува до залагањето за заеднички дом, Папата истакна дека нашата мајка земја не храни без да бара нешто за возврат; Затоа, на нас е да сфатиме како таа не може да продолжи така ако не се грижиме за неа. Сето ова се аспекти на преобраќање на кои Господ постојано нè повикува. Да се вратиш кај заедничкиот Отец, да се вратиш на изворите, да се вратиш на првата љубов која те поттикнала да оставиш сѐ за да го следиш Исус; тоа е душата на посветувањето и посланието! – истакна Папата.
Ватикан њуз/к.мк