Папата за војната во Светата Земја: Без две држави, вистинскиот мир е далеку

Папата за војната во Светата Земја: Без две држави, вистинскиот мир е далеку

Интервјуто на папата Фрањо за италијанскиот весник „Ла Стампа“ е објавено на 29 јануари 2024 година, во кое Римскиот бискуп повикува на глобален прекин на огнот, предупредувајќи дека светот е „на работ на бездна“.

„Постои договор од Осло – толку јасен – со решение за две држави. Сè додека овој договор не се спроведе, вистинскиот мир е далеку“, рече папата Фрањо во интервју за новинарот Доменико Агаси.

Зборувајќи за бројните актуелни конфликти, папата Фрањо ги повика сите да се молат за мир, изразувајќи уверување дека дијалогот е единствениот пат кон мирна иднина. Тој, исто така, ги повика сите завојувани страни „веднаш да ги запрат бомбите и ракетите и да стават крај на непријателските позиции“. Папата повика на „глобален прекин на огнот“, бидејќи, како што рече: „се наоѓаме на работ на бездна“.

Надеж за Светата Земја и Украина

Папата понатаму објасни дека се противи на дефиницијата на војната како „праведна“, туку напротив вели дека е легитимно да се брани, но и дека е неопходно да се избегнуваат „оправдувањата за војните, кои секогаш се погрешни“.

Изрази страв од воена ескалација на Блискиот Исток, но рече дека има некаква надеж „бидејќи се одржуваат доверливи состаноци за да се постигне договор. Примирјето веќе би било добар резултат“. Папата Фрањо го издвои кардиналот Пјербатиста Пицабала, латинскиот патријарх на Ерусалим, како „клучна фигура“ која мудро се обидува да посредува. Тој исто така рече дека секој ден разговара со католичката парохија Свето Семејство во Газа, додавајќи дека „ослободувањето на израелските заложници“ е приоритет.

Што се однесува до Украина, Папата потсети на задачата што му е доверена на кардиналот Матео Зупи, претседател на Италијанската бискупска конференција. „Светиот Престол се обидува да посредува во размената на затвореници и враќање на украинските цивили“, рече папата Фрањо. „Конкретно, работиме со г-ѓа Марија Лвова-Белова, руски комесар за правата на децата, на репатријација на украинските деца кои присилно се однесени во Русија. Нека се вратат кај нивните семејства“.

„Fiducia supplicans“

Папата се осврна и на декларацијата „Fiducia supplicans“ и рече: Но, сите ние сме грешници: зошто да правиме список на грешници кои можат да влезат во Црквата и список на грешници кои не можат да се во Црквата? Тоа не е Евангелието“.

Претстојни патувања

Во интервјуто тој се осврна и на неговата порака по повод Светскиот ден на медиумите, како и конклавата во 2013 година. Се наврати на неговите претстојни патувања, потсетувајќи на патувањата оваа година: Белгија, Источен Тимор, Папуа Нова Гвинеја и Индонезија. Говорејќи за можното патување во Аргентина, Светиот Отец рече дека не се чувствува навреден од зборовите на актуелниот претседател Милеи за време на изборната кампања, потврдувајќи дека ќе се сретне со него по закажаната канонизација на аргентинската светица Марија Антонија де Паз и Фигуероа на 11 февруари.

На крајот, Папата рече дека „се чувствува како парох на многу голема, глобална парохија“. Сака да го задржи духот на парох и да биде меѓу луѓето, каде што секогаш го наоѓа Бога, заклучи тој.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот