Папата во пресрет на Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот: Вие можете да бидете протагонисти на промените

Папата во пресрет на Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот: Вие можете да бидете протагонисти на промените

Во пресрет на Светскиот ден за подигање на свеста за аутизмот, кој се одбележува на 2 април, Светиот Отец ја прими во аудиенција Италијанската фондација за аутизам. Лицата со попреченост се повикани да бидат субјект на грижа и нега, сочувствителни Самарјани, блиски до другите, ставајќи ги своите таленти во служба на заедницата, рече папата Фрањо.

Денес, повеќе од кога било, темите и проблемите со кои се занимава Фондацијата – која заедно со бројните експерти и семејни здруженија ја промовира културата во корист на лицата со аутизам и интелектуална попреченост, се од клучна важност – рече Папата. Спроведувајќи проекти и иницијативи во корист на најслабите и најранливите, даваат вреден придонес во борбата против културата на отфрлање.

Субјект кој се грижи за другите

Попреченоста во сите нејзини форми е предизвик и можност за заедничко градење поинклузивно и граѓанско општество во кое семејствата, наставниците и фондациите не се оставени сами на себе, туку поддржани. За да се постигне ова, рече Папата, неопходно е да се продолжи со подигање на свеста за различните облици на попреченост, да се урнат предрасудите и да се промовира култура на вклучување и припадност, заснована на достоинството на личноста. Тоа е достоинството, нагласи папата Фрањо, на сите најкревки и најранливи мажи и жени, премногу често маргинализирани затоа што се етикетирани како различни или бескорисни, но кои всушност се голема предност за општеството. Светиот Отец се осврна и на позитивните работни искуства на лицата со попреченост, додавајќи дека е важна не само работната сфера, туку и целокупниот повик на човекот. Како пример го истакна животот на света Маргарита од Чита до Кастело, млада жена со инвалидитет, која својот живот го предаде во Господовите раце како би се посветила потполно на молитвата и помош на сиромашните.

Евангелската парабола за добриот Самарјанин, додаде Папата, го покажува патот до братското општество. Попатно, лицата со попреченост не се само „објект“ на грижа, туку и „субјект“. „Самарјанин“ може да биде лице со попреченост, лице во спектарот на аутизам, кое пристапува кон друг, ставајќи ги своите таленти во служба на заедницата.

Активно учество

Понатаму, важен аспект на културата на вклученост е можноста за активно учество. Треба да се осигура дека лицата со попреченост можат да придонесат за граѓански и црковни иницијативи. Станува збор и за поддршка на нивниот животен проект преку пристап до образование, вработување и слободно време, каде што ќе се дружат и ќе ја изразат својата креативност. За тоа е потребна промена на размислувањето, рече Папата. Направени се големи чекори во овој поглед, но остануваат предрасудите, нееднаквоста и дискриминацијата. Се надевам – рече тој – дека самите лица со попреченост ќе бидат сѐ повеќе и повеќе протагонисти на оваа промена.

Светиот Отец се осврна и на кризата на која бевме сведоци и сме сведоци – особено пандемијата и војната во Украина. Почитувани браќа и сестри, во оваа ситуација нашиот одговор мора да биде солидарност, „вмрежување“, нагласи тој. Соочени со толку многу рани, да не ја изгубиме можноста да се поддржуваме еден со друг (сп. Апостолски поттик Evangelii Gaudium ).

Кога станува збор за попреченоста, Црквата и граѓанското општество се повикани и на вмрежување, на хармонична соработка за да им се помогне на најслабите и најранливите да го слушнат нивниот глас. На овој начин се постигнува супсидијарност и се зајакнува придонесот на сите кои работат со лицата со попреченост, создавајќи широк и разновиден опсег на поддршка.

Солидарна економија

Како што постои култура на отфрлање и онаа на вклучување, така постои економија која отфрла и економија која прифаќа, истакна папата Фрањо. Евангелието нè вдахновува преку различни примери да го ставиме братството во срцето на економијата за да не бидат исклучени сиромашните, маргинализираните и лицата со посебни потреби. Солидарната економија се спроведува исто така и со поддржување на фондации како што е Италијанската фондација за аутизам, а Светиот Отец ја искористи приликата да им се заблагодари на нивните добродетели.

На крајот од своето обраќање папата Фрањо ги охрабри присутните да продолжат да чекорат, но посебно со лицата со аутизам – не само за нив, туку пред се со нив.

Сведочејќи токму за зборовите на Папата, на плоштадот Свети Петар беше подготвена акција во која лицата со аутизам ќе подготват ручек и ќе им го понудат на сиромашните браќа и сестри.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот