Во својот прв јавен говор во Улан Батор за време на средбата со властите и дипломатскиот кор во Државната палата, на кој му претходеше церемонија за добредојде во подножјето на статуата на Џингис Кан, Папата ја охрабри азиската земја да одигра важна улога за стабилноста во светот и ја пофали нејзината грижа за животната средина и решителноста да се запре ширењето на нуклеарното оружје. Тој ги повика религиите да преземат мерки против корупцијата, која „осиромашува цели земји“.
Нека поминат темните облаци на војната, нека ги избрка цврстата волја за општо братство во кое тензиите се решаваат со средби и дијалог, и на сите нека им се гарантираат основните права!
Папата Фрањо се претстави како „ходочасник на пријателство“ кој дојде „на прсти“ во Монголија, „прекрасна земја“ богата со „историја и небо“ од која упати апел: „Да се ангажираме заедно за да изградиме иднина на мир.
Светскиот мир
Светскиот мир е апелот што Папата, во својот прв јавен говор за време на посетата на Монголија, го упати до цивилните власти и дипломатскиот кор, придружен со охрабрување до таа земја, која се наоѓа меѓу Русија и Кина, да одигра клучна улога во светот: во грижата за животната средина, во запирање на ширењето на нуклеарното оружје и за мир. Пред сè, за мир, повторно создавање на условите на поранешниот „монголски мир“ ( pax Mongolica ), отсуство на судири.
Монголија не е само демократска земја која води мирна надворешна политика, туку сака да игра важна улога за светскиот мир.
Свечен пречек
По вчерашниот ден за одмор по пристигнувањето во Улан Батор, 43-то Aпостолско патување на папата Фрањо продолжи со средба со претставници на институциите и граѓанското општество и со дипломатскиот кор. Првиот настан се одржа на плоштадот Сухбатар во Улан Батор, изграден на местото каде што истоимениот револуционерен херој прогласи независност од Кина во 1921 година. Таму се одржа церемонија за пречек, во подножјето на импозантната статуа на водачот Џингис Кан, во присуство на претседателот Ухнаагиин Курелсух и пред стотици униформирани војници кои стоеја или беа качени коњи во оклопи.
На плоштадот се собраа верници
На плоштадот се собраа верници кои со воз, авиони и автомобили пристигнаа од Монголија, но и од соседните азиски земји, меѓу кои и Кина. Таму беше на пример, Дон Амбросио кој придружуваше група верници од Хонг Конг; имаше групи со маски на лицата кои не сакаа да бидат снимени или фотографирани; таму беше Гарамдорј, постар Бурјат кој зборува само руски; Сесилија, име избрано по крштевањето, наместо Ууганцецег, млада Монголка која се преобратила во 2004 година. Немаше многу присутни, но беа на плоштадот Сухбатар за – како што рече еден Кинез кој не сакаше да го каже своето име или потекло – „да покажеме дека сите сме иста Црква, дека го сакаме Папата, дека нѐ сака, не сака нас и Кина“.
Пред да пристигне на плоштадот, папата Фрањо отиде во Државната палата, каде што беше пречекан од претседателот. Посетата на претседателот на Монголија се одржа во Големиот Гер, а започна со запис во Книгата на честа. На крајот, Папата се сретна со претставници на властите во салата Их Монгол.
Пријателство меѓу Монголија и Светиот Престол
Обраќајќи им се на претставниците на владата и дипломатскиот кор, Папата одржа долг говор на италијански јазик, во кој најпрвин рече дека е почестен и среќен што пристигнал во таа „фасцинантна и огромна земја“. Потоа ги спомена дипломатските односите меѓу Монголија и Светиот Престол и 30 годишнината, која се одбележува оваа година, од потпишувањето на писмото за зајакнување на билатералните односи.Тој, исто така, потсети на историските корени на меѓусебните односи кои започнаа во 1246 година, со размената на писма меѓу Гујуг, третиот монголски император и папата Инокентиј IV. Заверена копија од писмото потпишана од страна Папата денес му беше подарена на претседателот. Нека биде знак на пријателство кое расте и се обновува.
Планетата Земја, гостопримлива градина
Папата потоа се осврна на бескрајните пространства на монголските простори, од пустината Гоби до степите, од големите прерии до иглолисните шуми, сè до планинските венци на Алтај и Кангаи, со безброј завои на водни патишта. Гледано одозгора изгледаат како рафинирани украси на стари скапоцени ткаенини – забележа Папата и додаде:
Сето тоа е огледало на големината и убавината на целата планета, која е повикана да биде гостопримлива градина.
Да се учи од монголските сточари и ратари
Има што да се научи – истакна Папата – од мудроста на генерациите монголски сточари и ратари, кои секогаш внимаваат да не ја нарушат деликатната рамнотежа на екосистемот. Мудроста е таа што може многу да ги научи оние кои денес не сакаат да прифатат кратковидни партикуларни интереси, туку сакаат на потомството да предадат земја која сè уште е гостопримлива и плодна.
Она што е создадениот свет за нас христијаните, односно плод на Божјиот добронамерен план, вие ни помагате да го препознаеме и промовираме со почит и внимание, спротивставувајќи се на ефектите од човечкото уништување со култура на грижа и далекувидност, која се одржува со одговорна еколошка политика.
Ангажирање против ширењето на нуклеарното оружје
Римскиот бискуп затоа уште еднаш апелираше за итно и недоложно ангажирање за заштита на планетата Земја. Оваа заштита, сепак, се однесува и на големите глобални предизвици на развојот и демократијата. Денешна Монголија, имено, со разгранетата мрежа на дипломатски односи, нејзиното активно членство во Обединетите нации, застапувањето за човекови права и мир, игра значајна улога во срцето на големиот азиски континент и на меѓународната сцена – истакна папата Фрањо и ја истакна решеноста на оваа централноазиска земја да се запре ширењето на нуклеарното оружје и да се претстави пред светот како земја без нуклеарно оружје. Освен тоа, треба да се истакне – како што рече Папата – дека смртната казна повеќе не се појавува во судскиот систем на таа земја.
Верска слобода
Римскиот бискуп потоа зборуваше за длабоката духовна конотација на монголскиот идентитет. Убаво е што земјата е симбол на верската слобода – истакна тој. Потсети дека самиот Устав ја афирмира слободата на мислата и религијата, резултат до кој Монголија – која отсекогаш се карактеризирала со почитување на светите традиции – стигнала на природен начин. Атеистичката идеологија се обиде да го „искорени“ религиозното чувство, но и тој период е надминат, а денес народот ја препознава суштинската вредност на хармонијата и синергијата меѓу верниците од различни вери, кои придонесуваат за морален и духовен напредок на народот.
Црвот на корупцијата
Во оваа смисла, Папата побара токму од религиите да работат заедно за да се спротивстават на опасностите од консумеристичкиот дух, кој денес, освен што создава бројни неправди, води кон индивидуализам кој ги заборава другите, како и примените добри традиции.
Кога религиите се повикуваат на нивното изворно духовно наследство и не се расипани од секташки отстапувања, тие секако се сигурна поддршка во градењето здрави и прогресивни општества во кои верниците работат така што граѓанскиот соживот и политичкото планирање се повеќе и повеќе е во служба на заедничкото добро. Покрај тоа, се пречка и за опасниот црв на корупцијата.
Придонес на католичката заедница
Корупцијата – истакна Папата – е сериозна закана за развојот на секоја човечка група, хранејќи се со утилитарен и бескрупулозен менталитет кој осиромашува цели земји. Затоа Светиот Отец е среќен што католичката заедница во Монголија, колку и да е мала и дискретна, учествува со ентузијазам и посветеност во развојот на земјата, ширејќи ја културата на солидарност, почит кон сите и меѓурелигиски дијалог и застапувајќи се за правда, мир и социјална хармонија.
Се надевам дека, благодарение на далековидното законодавство кое внимава на специфичните потреби, локалните католици, поддржани од посветени мажи и жени кои нужно доаѓаат главно од други земји, секогаш ќе можат да ѝ ја понудат на Монголија без потешкотии својата човечка и духовна понуда, за доброто на овој народ.
Билатерален договор Монголија – Светиот Престол
Во таа смисла, папата Фрањо изрази надеж дека преговорите, кои се во тек, за билатерален договор меѓу Монголија и Светиот Престол ќе бидат важен канал за постигнување суштински услови за извршување на редовните активности со кои Католичката црква се занимава: богослужбени активности, но и иницијативи од областа на образованието, здравството, помошта, истражувањето и културната промоција. Сигурен сум дека монголските католици се и ќе бидат подготвени да придонесат за изградба на просперитетно и безбедно општество, во дијалог и соработка со сите учесници кои ја населуваат оваа голема земја, која ја бакнува небото.
Ватикан њуз/к.мк