Папата во авионот разговараше со новинарите

На враќање од посетата на Турција за време на летот, по утврдениот обичај на папските посети одржана е конференција за новинари на која Светиот Отец проговори за мноштво теми:

од патот кон полното заедништво со православните Цркви, дијалогот со исламот, до осврт за контроверзниот релацио – работниот документ објавен во текот на работата на вонредната епископска синода. На прашање за дијалогот на христијанството и исламот, „исламофобијата“ за која зборуваше турскиот претседател и насилството на христијаните малцинствата на Блискиот Исток, Папата истакна дека бројни муслимани нагласуваат дека терористичките дела на екстремистите не го одразуваат исламот и дека Куранот е книга на мирот. „Го разбирам тоа и верувам – барем јас искрено верувам – дека не може да се каже дека сите муслимани се терористи, како што не може да се каже дека сите христијани се фундаменталисти“ – кажа папата Фрањо.

Истакна и дека претседателот Ердоган кажал: „Би било убаво кога сите муслимански водачи – било политички, верски или академски – јасно го осудат (тоа насилство) бидејќи тоа би помогнало на повеќето муслимани да кажат: не!“ Запрашан за моментот на молитва во Плавата џамија, Папата рече: „Отидов во Турција како ходочасник, а не како турист“ и „и кога влегов во џамијата, не можев да кажам: сега сум турист.“ „Во тој момент почувствував потреба да молам. Затоа го прашав (муфтијата): ќе се помолиме ли кратко?“ – на што тој се согласи. „Молев за Турција, за мир, за муфтијата, за сè, но и за самиот себе. Реков: Господи, запри ги овие војни! Тоа беше момент на искрени молитви.“

Коментирајќи ги односите со православните Цркви и целта за полно заедништво, Папата рече: „Ако чекаме теолозите да постигнат согласност, тој ден никогаш нема да дојде!“ Она што ни е потребно е духовниот екуменизам – заедно да молиме и работиме. „Вистина. Источните Католички Цркви имаат право да постоја. Но, унитаризмот е збор за еден друг период. Денес за него не може да се зборува. Треба да се пронајде друг пат“ – додаде папата Фрањо.

Замолен да го коментира односот на Папскиот примат (првенство) со православните, Папата рече дека за обликот на вршење на приматот треба малку да се вратиме во првиот милениум заради вдахновение. Меѓутоа веднаш додаде за развојот на католичката наука за првенството во вториот милениум: Не велам дека Црквата згрешила: не! Потсетуваме дека, меѓу останатото, Вториот Ватикански собор научува дека „Римскиот првосвештеник по својата служба како намесник Христов и пастир на целата Црква има над Црквата потполна, врховна и општа власт која може секогаш слободно да ја врши. Црквата има свој историски пат – продолжи папата Фрањо – но сега историскиот пат на Црквата е оној кој го бараше свети Иван Павле II: Помогнете ми да пронајдеме заедничка точка во светлината на првиот милениум.“

Прашан дали се согласува со јазикот на извештајот од половина работа на вонредната синода за семејството, за „прифаќање и вреднување“ на хомосексуалната ориентација, Папата рече дека синодата е пат, а не парламент. Таа е заштитено место во кое Светиот Дух може да зборува. „Ниту конечниот извештај не го означува крајот на патувањето. Затоа, не можеме да го земеме само мислењето на еден човек или на еден нацрт документ. Синодата треба да ја видиме во нејзината целина. Лично – тоа е моето мислење и не сакам да го наметнувам – не се согласувам кога јавно се зборува: овој го рече тоа, овој тоа. Само она што е кажано треба да биде јавно, а не кој тоа го кажал“,бидејќи се работи за црковно заштитен простор за Светиот Дух да може да делува – објасни Папата.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот