Папата: Воспитувајте ги децата со слобода, не прифаќајте програми кои се во спротивност со вашите вредности
На средбата во сабота на 11 ноември со Европската асоцијација на родители (ЕПА) во Ватикан, папата Фрањо ја истакна централната улога што ја имаат родителите во образованието на своите деца, како и важноста од заедничка посветеност на сите во образованието на новите генерации.
Папата Фрањо уште еднаш ја истакна потребата да се заштити правото на родителите да ги воспитуваат и образуваат своите деца во согласност со нивните верувања. Родителите не треба да бидат принудени во ниту една сфера, особено во сферата на образованието, да прифатат образовни програми што се спротивни на нивните верувања и вредности.
Римскиот бискуп го истакна ова во сабота на 11 ноември 2023 година при обраќањето пред учесниците на Генералното собрание и конференцијата на Европската асоцијација на родители (ЕПА) што се одржаа во Рим на 10 и 11 ноември, нагласувајќи дека треба да се признае основната улога на родителите во општествениот поредок на сите нивоа.
Тешка задача, особено во денешниот културен контекст
Светиот Отец истакна дека воспитно-образовното послание на родителите е тешка задача, особено во денешниот културен контекст, а посебно пак во Европа, која се карактеризира со етички субјективизам и практичен материјализам.
Така, родителите се во ситуација постојано да им покажуваат на своите деца за добриот и разумен избор и вредностите кои повеќе не можат да се земат како „нормални“, како што е важноста на бракот и семејството или одлуката да се прифатат децата како дар од Бога.
Папата Фрањо ја истакна важноста на меѓусебната поддршка и охрабрување, за да им се помогне на родителите да развијат страст во нивната образовна мисија, која се сведува на тоа да ги научат своите деца „што значи да се биде целосно човек“.
Клучен придонес за градење на „здраво општество“
Оваа мисија може да се каже дека е успешна кога децата ја сфаќаат убавината на животот, кога расте нивната самодоверба и ентузијазам и можноста да се впуштат во авантурата на животот, која, како што рече Папата, им дава подлабоко познавање на неизмерната Божја љубов кон нас.
Во тоа се состои возвишената образовна мисија на родителите: да образувсат слободни и великодушни луѓе кои ја запознале Божјата љубов и слободно да им го даруваат на другите она што и самите го добиле како дар.
Воедно тоа се и основите на здравото општество. Оттука, клучна е улога на родителите при пренесувањето на вредностите, со што се формираат цврсти граѓани, способни да придонесат на работното место, граѓанските работи и социјалната солидарност.
Воспитувањето дете претставува вистински придонес за општеството, бидејќи тоа значи обука на младиот човек за здрав однос со другите со целосна почит, подготвеност за соработка во поглед на заедничката цел, одговорност, чувство на должност и важност на пожртвуваноста за општо добро.
Во отсуство на тоа, истакна папата Фрањо, децата растат како „острови“, одвоени од другите, неспособни за заедничка визија и навикнати своите желби да ги сметаат за апсолутни вредности. Како резултат на тоа, општеството е „деконструирано“, осиромашено и прогресивно слабее и се дехуманизира.
Црквата да ги поддржува родителите во нивната работа
Инсистирајќи на потребата да се заштити правото на родителите да ги воспитуваат и образуваат своите деца во согласност со нивните верувања и вредности, папата Фрањо ја повтори важноста на посветеноста на Црквата да ги следи и поддржува семејствата во нивната работа и важноста од соработка со сите институции кои се занимаваат со образование.
Во таа смисла, тој потсети на „Глобалниот договор за образование“ што го поттикна самиот папа Фрањо во 2019 година со цел да се зајакне заедничката посветеност на сите институции кои се занимаваат со младите и „Договорот за семејството“ со културни, академски, институционални и пасторални актери, со цел да се стави фокус на семејството и неговите различни односи.
Глобални договори за образование и семејство
Намерата на овие иницијативи, објасни Папата, е да се надминат бројните „несреќи“ кои во моментов го слабеат светот на образованието: слом помеѓу образованието и трансценденцијата, слом во меѓучовечките односи и слом кои го оддалечува општеството од семејството, создавајќи нееднаквости и нови форми на сиромаштво.
Завршувајќи го своето обраќање, Светиот Отец го поттикна Европското здружение на родители да оди напред со надеж во нивните активности и ангажирање, црпејќи вдахновение и поддршка од сведоштвото во Евангелието од светите родители Марија и Јосиф.
Ватикан њуз/к.мк