Великиот пост е време на покора, како и на умртвување, но тој не е цел сам за себе, туку целта му е да воскреснеме заедно со Христос, да го обновиме својот крштелен идентитет и повторно да се родиме одозгора – рече Папата на Генералната аудиенција на 1 март 2017 година, на плоштадот Свети Петар.
Светиот Отец со тоа ги продолжи своите размислувања за христијанската надеж, а појдовен текст му беше делот од третата глава од Книгата Исход (1Мој 3, 7-8.10)
Великиот пост според својата природа е период на надеж. За подобро да го разбереме што тоа значи – продолжи Папата – мора да се присетиме на темелното искуство на Израелците и нивното излегување од Египет. Избраниот народ бил во Египет, каде робувал и бил угнетуван, но Господ не го заборавил својот народ и ветувањето кое го дал: го повикува Мојсеј и со силна рака ги изведува Израелците од Египет и ги поминал низ пустината кон земјата на слободата.
Во текот на тоа патување од ропството кон слободата – рече Светиот Отец – Господ на Израелците им дал Закон за да научат да го љубат Него, единствениот Господ, како и едни со други. Светото Писмо ни сведочи дека излегувањето било долго и макотрпно: симболично траело 40 години, што претставува животен век на една генерација. Станува збор за генерација на која потешкотиите и пречките претставувале постојано искушение за да зажалат што го напуштиле Египет и да се вратат назад – рече Папата.
Но, Господ останал верен и тој народ кој го предводел Мојсеј, пристигнал во Ветената земја. Целото тоа патување е остварено во надеж: со надеж дека ќе дојдат во Ветената земја, и во таа смисла претставува „излегување“, излегување од ропството во слободата. Овие 40 дена за сите нас претставуваат излегување од ропството и гревот во слобода и средба со Христос Воскреснатиот – рече папата Фрањо и продолжи: „Секој чекор, секој напор, секое искушение, секој пад и секое закрепнување, сето тоа има смисла само во рамките на Божјиот план за спасение. Бог сака живот за својот народ, а не смрт; радост, а не страдање,“ рече Светиот Отец.
Папата рече дека Исусовата Пасха го претставува неговото излегување, со која Он ни го отвора патот кон вечниот и блажен живот, кон полнотата на животот. „А за да ни го отвори тој пат, Исус морал да се лиши од својата слава, да се понизи, да стане послушен до смрт, смрт на крст,“ рече Светиот Отец додавајќи дека благодарение на Христос сме спасени од ропството на гревот.
„Но, тоа не значи дека Тој направил сѐ,“ продолжи папата Фрањо, „а ние не мораме да направиме ништо; Тој поминал низ маката на крстот, па ние во кочија ќе дојдеме во небото. Не, работите не функционираат така. Нашето спасение е сигурно негов дар, но затоа што е љубовна приказна, го бара нашето „да“ и нашето учествување во неговата љубов,“ рече.
Од таа причина „Великиот пост ја има таа динамика: „Христос ни претходи со своето излегување и ние одиме низ пустината по Него. Исус е искушуван за нас, го победува искушувачот заради нас, но и ние заедно со него мораме да се соочиме со искушенијата и да ги победиме. Ни ја дава живата вода на својот Дух, а наше е да се наведнеме и да се напиеме од таа вода: во светите Тајни, во молитвата, во обожавањето; Тој е светлина која ја победува темнината, а ние сме повикани да го храниме пламенот кој ни е доверен на денот на нашето Крштение,“ рече Светиот Отец и продолжи:
„Во таа смисла Великиот пост е светотаински знак на нашето преобраќање. Кој оди по покорничкиот пат, секогаш е на патот на преобраќањето! Од ропството кон слободата – пат по кој треба секогаш одново да се оди. Макотрпен е тој пат, како што треба да биде, затоа што љубовта бара. Сепак тоа е патување полно со надеж. И повеќе од тоа: покорничкото излегување е пат на кој самата надеж се обликува. Сите маки при патувањето низ пустината… Сите искушенија, илузии, фатаморгана… сето тоа е за да се искова силна надеж,“ рече папата Фрањо и катехезата ја заврши со следните зборови: „Со срце отворено кон тој хоризонт, денес влегуваме во Великиот пост. Чувствувајќи се дел од светиот народ Божји, денес со радост го започнуваме тој пат на надеж.“
РВ/к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк