Папата: Божиќните јасли се повик да му служиме на Исус во сиромашните

Папата: Божиќните јасли се повик да му служиме на Исус во сиромашните

Во проповедта на светата Литургија на Божиќната ноќ, 24 декември 2022 година, Папата повика да погледнеме во јаслите каде што се роди Исус, за да направиме нешто добро, да ја заживееме довербата во неговата близина, милосрдието кон последните и надежта на оние кои ја изгубиле. Петровиот наследник предупреди дека луѓето, гладни за моќ и пари, во војните ги јадат дури и своите соседи, нивните браќа .

За да го откриеме повторно значењето на Божиќ, да погледнеме како Исус лежи во јаслите; тие се неважен предмет, но тоа е знакот со кој Христос доаѓа на сцената на светот. И кој ни говори дека Божиќ значи дека Бог е близу, па затоа повторно нека се обнови довербата; Господ е сиромашен, нека оживее милосрдието, и на крајот Бог е конкретен, па да ја заживееме во негово име надежта за тие што ја изгубиле! Ова го истакна папата Фрањо во својата проповед на светата Литургија на Божиќ, црпејќи вдахновение од Витлеемските јасли за да објасни што сака Бог да ни каже во оваа света ноќ.

Од јаслите, Бог ни зборува за близина, сиромаштво, конкретност

Бог – објасни Папата – сака да ни зборува преку божиќните јасли за најмалку три работи: близина, сиромаштво и конкретност. Пред сè, за близината, бидејќи јаслата служи да се приближи храната до устата и побрзо да се консумира. Така може да ја симболизира ненаситноста на човечкиот род: луѓето, дури и денес, гладни за моќ и пари, ги консумираат дури и своите соседи, нивните браќа. Колку војни! И на колку места и денес се гази достоинството и слободата! Главни жртви на човечката ненаситност се секогаш слабите, сиромашните – истакна Светиот Отец.

Ниту овој Божиќ, човештвото, ненаситно за пари, моќ и задоволства, не остава место, како што беше со Исус, за најмалите, за толку многу деца кои се сиромашни, заборавени. Посебно мислам на децата кои се опфатени од војни, сиромаштво и неправда. Но Исус оди токму таму, тој е Дете во јаслите, кое е отфрлено и напуштено. Секое дете е во него, во витлеемското Дете. И тука е повикот да гледаме на животот, политиката и историјата со очите на децата.

Бог ти дава повторно да се родиш таму каде што мислеше дека го допираш дното

Во јаслите на „отфрлање и непријатност“ лежи проблемот на човештвото: рамнодушноста предизвикана од незаситното брзање за поседување и консумирање. Таму се раѓа Христос и во тие јасли откриваме дека е близу до нас, доаѓа таму од каде што се јаде храната за да стане наша храна. Во Исус, Бог нè прави негови деца и нè храни со нежност. Тој доаѓа да ги допре срцата и да ни каже дека љубовта е единствената сила што го менува текот на историјата. Тој не е далечен и моќен, туку станува близок и понизен. Се приближува – објасни папата Фрањо – затоа што си му важен.

Не дозволувај стравот, резигнацијата, обесхрабрувањето да те совлада. Бог е роден во јасли за да можеш ти да се родиш повторно таму каде што мислеше дека го допираш дното. Нема зло, нема грев од кој Исус не сака и не може да те спаси. Божиќ значи дека Бог е близу; нека оживее повторно довербата!

Студената штала ни кажува дека „луѓето се вистинско богатство“

Витлеемските јасли ни зборуваат и за сиромаштвото – додаде Римскиот епископ. Во ладна штала се роди Исус, а не во топол хотел, опкружен само со оние што го сакаа: Марија, Јосиф и пастирите; сите тие се сиромашни луѓе, обединети во љубов и восхит, а не со богатство и големи можности. Но – истакна Папата – тие се вистинското богатство во животот; не се парите и моќта, туку односите и луѓето. Првото богатство е Исус. Но, дали сакаме да бидеме со него? – праша Папата. Дали му се приближуваме, го сакаме ли неговото сиромаштво? Или претпочитаме да бидеме комотни во нашите интереси?

Пред сè, дали го посетуваме онаму каде што Тој се наоѓа, односно во сиромашните јасли на нашиот свет? Таму Тој е присутен; а ние сме повикани да бидеме Црква која му се поклонува на сиромашниот Исус и му служи на Исус во сиромашните.

Нема вистински Божиќ без сиромашните

Спомнувајќи го надбискупот Оскар Ромеро, светец и маченик, Папата ги истакна неговите зборови од едно негово пасторално писмо во кое објаснува дека Црквата ги поддржува и благословува напорите за промена на структурите на неправда и поставува само еден услов: општествените, економските и политичките промени да изобилуваат со вистинска добробит за сиромашните. Не е лесно – додаде Папата – да се остави нежната топлина на световноста за да ја прегрнеме голата убавина на витлеемската пештера, но да се потсетиме дека без сиромашните нема вистински Божиќ.

Исус бара вера која се состои од обожавање и милосрдие, а не од брборење

На крајот, јаслите ни зборуваат за конкретност. Исус, кој се роди сиромашен, ќе живее сиромашен и ќе умре сиромашен – истакна Папата. Не зборуваше многу за сиромаштвото, но го живееше за нас до крај. Од јаслите до крстот неговата љубов кон нас беше опиплива, конкретна. Од раѓање до смрт не нѐ љубеше со зборови. Затоа, не се задоволува со надворшеноста. Не сака само добри намери.

Тој, кој е роден во јасли, бара конкретна вера, која е составена од обожавање и милосрдие, а не од брборење и надворешни работи. Тој што се соголи во јаслите и ќе се соголи на крстот, ја бара од нас вистината, да се соочиме со голата реалност на нештата, да ги одложиме изговорите, оправдувањата и лицемерието.

Да не дозволиме Божиќ да помине без да направиме нешто добро

Господ не сака привидност, туку конкретност – истакна Папата. Затоа, да не дозволиме овој Божиќ да помине без да направиме нешто добро. Бидејќи му е роденден, да му го подариме тоа што го сака! Бог е конкретен во Божиќ; да ја оживееме малку надежта во негово име кај оние што ја изгубиле – поттикна папата Фрањо.

„Исусе, Те гледаме, Ти лежиш во јаслите. Те гледаме толку блиску, блиску до нас засекогаш: Ти благодарам, Господи. Те гледаме сиромашен, како нѐ учиш дека вистинското богатство не е во работите, туку во луѓето, посебно во сиромашните: прости ни ако не те препознавме и не ти служивме во нив. Те гледаме конкретен, бидејќи твојата љубов кон нас е конкретна: Исусе, помогни ни на нашата вера да и дадеме тело и живот. Амин“.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот