Често имаме искривена претстава за Бога, рече Папата на Генералната аудиенција: „Неговиот глас не се наметнува, туку е дискретен, полн со почит, понизен и помирлив“. Светиот Отец ги поттикна верниците да го читаат Божјото Слово, кое е „како да добиваме кратки телеграми од Бога; живо присуство кое дава светлина, сила, освежување и го менува животот“
На Генералната аудиенција во среда 21 декември 2022 година, папата Фрањо ја продолжи својата катехеза за расудувањето, која ја нарече неопходна вежба во животот. Живот кој треба да научиме да го читаме, за да не го расипиме и кој секој ден нѐ става пред одлуки – како што рече – за тоа што јадеме, што ќе читаме, на работа, во односите, кои треба да се направат свесно. Зашто, ако не одлучиме, ако не распознаваме – истакна Папата – на крајот животот избира наместо нас, носејќи не каде што не сакаме.
Помош на Словото Божјо и науката на Црквата
Меѓутоа, расудувањето не е нешто што треба да го правиме сами; пред сè, соочувајќи се со Словото Божјо и науката на Црквата, ни помагаат да го протолкуваме она што се случува во срцето и од кои учиме да го препознаваме Божјиот глас и да го разликуваме од другите гласови. Библијата нè учи дека Божјиот глас одекнува во смиреност, во внимание, во тишина. Да се потсетиме на искуството на пророкот Илија на кого Бог му зборувал во ветрецот – објасни Светиот Отец.
Божјиот глас не се наметнува, Божјиот глас е дискретен, полн со почит, би си дозволил да кажам: Божјиот глас е смирен, токму затоа е смирувачки. Само во мир можеме да навлеземе длабоко во себе и да ги препознаеме вистинските желби што Господ ги поставил во нашето срце. Многупати не е лесно да се влезе во тој спокој на срцето, бидејќи сме зафатени со ова, она, по цел ден… Но, те молам, смири се малку, влези во себе. Почекајте две минути. Погледнете што чувствува твоето срце.
Кратки телеграми од Бога кои допираат до срцето
Токму во моментите на смиреност е можно да се слушне Божјиот глас, кој ни дава подобро разбирање на нашето однесување и нашите одлуки – забележа Римскиот бискуп и го истакна начинот на кој Бог му зборува на човекот.
Словото Божјо за верникот не е само текст што треба да се чита; Словото Божјо е живо присуство, тоа е дело на Светиот Дух кој утешува, поучува, дава светлина, сила, освежување и задоволство од животот. Читајте ја Библијата, прочитајте еден и два пасуси од Библијата; тие се како мали телеграми од Бога кои веднаш допираат до срцето.
Помош што произлегува од чувствителниот однос со Бога
Уште една помош што може да биде корисна во расудувањето е онаа што доаѓа од чувствителниот однос со Светото Писмо; се работи за емотивна врска со Бога.
Многупати можеме да имаме искривена претстава за Бога, гледајќи го како намуртен, строг судија, подготвен да не фати на дело. Исус, напротив, ни открива дека Бог е полн со сочувство и нежност, подготвен да се жртвува за да не пресретне, како таткото во параболата за блудниот син (сп. Лк. 15, 11-32).
Делување на Словото Божјо
Папата потоа се потсети на годините кога бил во Аргентина, кога за време на годишните ходочастија цела ноќ ја посветувал исповедувајќи. Еднаш, еден млад човек во исповедницата му се доверил дека дојдел на ходочастието по совет на мајка му, која го уверувала дека со одење кај Богородица ќе сфати многу работи. И така беше; за време на ходочастието имал можност да го слуша Божјото Слово кое го допрело неговото срце овозможувајќи му да сфати што треба да прави. Тоа е пример кој го покажува ефектот на Божјото Слово врз внатрешноста на секој човек, бидејќи Бог не сака да не уништи, Бог сака секој ден да бидеме посилни, подобри – истакна Папата и додаде дека, набљудувајќи го Распнатиот, чувствуваме нов мир и учиме да не се плашиме од Бога.
Исус на крстот никого не плаши; тој е слика на потполна беспомошност и во исто време најпотполна љубов, способна да се соочи со секое искушение за нас.
„Делче“ од Словото
Во Исусовото страдање нема осуда, па дури ни потиштеност – прецизираше Папата – затоа што е проникната со поголема светлина, светлината на Воскресението, која ни овозможува да видиме поголем план во овие страшни дела, кои никаква пречка, препрека или неуспех не може да ја оневозможи.
Словото Божјо секогаш ти дава да погледнеш на друга страна; односно еве го крстот, грд е, но има нешто друго, надеж, воскресение. Словото Божјо ви ги отвора сите врати, бидејќи Тој е вратата, тој е Господ. Да го земеме Евангелието, да ја земеме Библијата во наши раце, пет минути дневно, не повеќе. Носете џебно Евангелие со вас, во вашата ташна, и кога сте на пат, земете го малку и прочитајте еден мал пасус, во текот на денот, дозволувајќи му на Божјото Слово да ви се приближи до срцето. Направете го ова и ќе видите како вашиот живот ќе се промени со близината на Божјото Слово.
Пријателски однос со Бога
Односот со Бог е пријателство кое расте од ден на ден – објасни папата Фрањо.
Пријателството со Бог може да го промени срцето; тоа е еден од големите дарови на Светиот Дух; побожност, што нè прави способни да го препознаеме Божјото татковство. Имаме нежен Отец, чувствителен Отец кој нè љуби, кој отсекогаш нè љубел; кога го имаме тоа искуство, срцето се отвора и исчезнуваат сомнежите, стравовите и чувствата на недостојност. Ништо не може да се спротивстави на таа љубов за средба со Господ.
Помош на Светиот Дух
На крајот, друга помош во расудувањето е дарот на Светиот Дух, присутен во нас, кој нè учи, го оживува Божјото Слово што го читаме, нуди нови значења, ги отвора вратите што изгледаа затворени, ги покажува патиштата на животот каде што се изгледаше дека е само темнина и конфузија. Светиот Дух ѝ дава живот на душата – додаде Папата, охрабрувајќи ги верниците да дозволат Духот да влезе во нивните срца и да разговараат со него како што разговараат со Исус. Светиот Дух е расудување на дело, Божјо присуство во нас, тоа е најголемиот дар што Отецот им го ветува на оние кои го бараат. Пријателството со Светиот Дух менува, помага да се расте.
Цел на расудувањето
Сумирајќи ја на крајот целта на расудувањето, односно препознавањето на спасението кое Бог го прави во животот на секој човек, папата Фрањо уште еднаш истакна дека Светиот Дух е секогаш со нас, покрај нас и дека секогаш треба да се негува дијалогот со него и да се оди напред храбро и радосно.
Ватикан њуз/к.мк