Папата: Ако сакате срце полно со љубов, бидете милосрдни

Во катехезата на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар на 21 септември 2016 година, Светиот Отец го толкуваше текстот од Евангелието според Лука (Лк 6, 36-38) кој нè повикува да бидеме милосрдни како што е нашиот небесен Отец милосрден.

„И така, бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец. Не судете и нема да бидете судени; и не осудувајте, за да не бидете осудени; проштевајте и ќе ви биде простено; давајте и ќе ви се даде: мерка добра, набиена, натресена и преполнета ќе ви дадат в раце; оти со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери.“ (Лк 6, 36-38)

Драги браќа и сестри добар ден!

Го слушнавме текстот од Евангелието според Лука (6, 36-38) од кое доаѓа и мотото за вонредната јубилејна година: „Милосрдни како Отецот“. „Бидете милостиви како што е милостив вашиот Отец“ (ред 36). Не се работи за ефективно мото, туку за животна обврска. За исправно да го сфатиме овој израз ќе го споредиме со паралелниот текст во Евангелието според Матеј каде Исус вели: „Но бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен.“ (5, 48). Во т.н. Говорот на гората кој започнува со блаженствата, Господ учи дека совршенството во љубовта ги исполнува сите одредби од Законот. Во истата перспектива свети Лука толкува: милосрдната љубов е совршенство. Да бидеш совршен – значи да бидеш милосрден. Дали е совршен човекот во кој нема милосрдие? Не е. Дали човекот кој не е милосрден е добар? Не е. Добрината и совршенството се вкоренети во милосрдието. Секако, Бог е совршен, но ако така го гледаме станува невозможно да се тежнее кон тоа апсолутно совршенство. Гледајќи го како милосрден – тоа ни помага подобро да сфатиме во што е неговото совршенство и нè поттикнува да бидеме како Него, полни со љубов, сочувство и милосрдие.

Но, дали Исусовите зборови се реалистични? Дали навистина е можно да се љуби како што љуби Бог и да се биде милосрден како Него?

Во текот на историјата на спасението целокупната Божја објава се покажува како постојана и неуморна љубов кон човекот. Бог е како татко и како мајка, љуби со непрегледна љубов и ја излева изобилно на сите созданија. Исусовата смрт на крстот е врв на љубовната приказна помеѓу Бог и човекот. Толку голема љубов само Бог може да оствари. Јасно е во однос на оваа неизмерна љубов нашата љубов секогаш ќе биде несовршена. Но, кога Исус од нас бара да бидеме милосрдни како Отецот не мисли на количината. Тој бара од своите ученици да станат знак, средство, сведок на неговото милосрдие.

Црквата мора да биде света Тајна на Божјото милосрдие во светот, во секое време и во однос на целото човештво. Секој христијанин затоа е повикан да биде сведок на милосрдието, а тоа се остварува на патот на светоста. Да се сетиме само колку светци станале милосрдни затоа што дозволиле срцето да им се исполни со Божјото милосрдие. Господовата љубов ја овоплотиле излевајќи ја во различните потреби на човештвото. Во процветот на различните облици на љубов може е да се види одразот на милосрдното Христово лице.

Да се запрашаме што значи: „Да се биде милосрден?“ Исус го толкува на своите ученици преку двата глаголи „проштавајте“ (ред 37) и „даврувајте“ (ред 38)

Милосрдието најпрво се искажува во простувањето: „Не судете и нема да бидете осудени; проштавајте и ќе ви биде простено;“ (ред 37). Исус нема намера да го поткопа текот на човечката правда, но сепак ги потсетува учениците дека за братски односи е потребно да се укине осудувањето. Простувањето е столб на христијанската заедница затоа што во него се покажува безусловноста на љубовта со која Бог прв љубеше.

Христијанинот мора да простува! Зошто? Затоа што му било простено. Сите ние овде на плоштадот сме го искусиле простувањето. На никој од нас не му е скратено Божјото простување. И затоа што на нас ни било простено, мораме да простуваме. Тоа го кажуваме секој ден во Оче наш: „прости ни ги долговите наши како што ние им ги проштаваме на нашите должници.“ Да ги простуваме навредите затоа што на нас многу ни е простено, многу гревови. На тој начин лесно е да се прости: ако Бог ми простил мене зошто јас не би им простил на другите? Дали јас сум поголем од Бог? Овој столб на простувањето ја покажува безусловната Божја љубов.

Погрешно е да се суди и осудува грешниот брат. Не затоа што не би сакал да го препознае гревот, туку затоа што осудувањето на грешник ја прекинува братската врска со него и го потценува Божјото милосрдие кое не сака да се откаже од своите деца. Не ни е дозволено да го судиме братот кој греши, не сме над него: напротив имаме должност да го спасиме неговото достоинство на дете Божјо и да го придружуваме на патот на преобраќањето.

Исус на Црквата, на нас ни укажува и на вториот столб: „дарувањето“. Простувањето е првиот столб, дарувањето вториот. „Давајте и ќе ви се даде (…) „со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери“. Бог ни дарува поизобилно од нашите заслуги, а ќе биде уште подарежлив со оние кои се дарежливи на земјата. Исус не вели што ќе се случи со оние кои не даруваат. Сликата за „мерката“ претставува опомена: со мерката на даруваната љубов, сами одлучуваме за тоа како ќе ни се суди, како ќе нè сакаат. Ако внимателно погледнеме ја воочуваме доследноста: мерката со која се прима од Бог се дарува на братот и мерката која се дава на братот се добива од Бог!

Затоа милосрдната љубов е еднинствениот можен пат: Колку на нас сите ни е потребно да бидеме малку помилосрдни, да не озборуваме, да не судиме, да не ги истргнуваме другите со критики, љубомора и завист. Мораме да простуваме, да бидеме милосрдни, да живееме во љубов. Преку таа љубов Исусовите ученици го чуваа идентитетот кој Отец им го даруваше и се препознаваат како синови на истиот Отец. Во љубовта која живее така се одржува милосрдието кое никогаш нема да престане (1Кор 13, 1-12). Не заборавајте милосрдието и дарувањето, простувањето и дарувањето. Така срцето ќе расте во љубовта. Спротивно од тоа егоизамот, бесот – го намалуваат срцето и станува тврдо како камен. Што повеќе би сакале? Срце од камен или срце полно со љубов? Ако сакате срце полно со љубов бидете милосрдни!

На крајот од катехезата Папата ги поздрави сите присутни и заклучи:

„Денес се одбележува 23 Светски ден за Алцхајмеровата болест со мото: „Запомни ме.“ Ги повикувам сите присутни со ревноста на Богородица и нежноста на Милосрдниот Исус да се сетат на сите кои трпат од оваа болест како и на нивните семејства и со тоа да им ја искажат својата близина. Да молиме и за луѓето кои се грижат за болните и знаат да ги препознаат и нивните најнезабележителни потреби затоа што ги гледаат со очи полни со љубов.“

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк

Категорија: Ватикан

За авторот