Папата:јазикот да се држи зад забите
Исус се моли за единство на христијаните, но во Црквата има „какол“, оние кои разделуваат и го уништуваат заедништвото со јазикот – рече папата Фрањо на светата Литургија на 12 мај 2016 година.
Исус се моли за единство на христијаните, но во Црквата има „какол“, оние кои разделуваат и го уништуваат заедништвото со јазикот – рече папата Фрањо на светата Литургија на 12 мај 2016 година во капелата на домот Света Марта. Пред маката Исус се молеше за единство на верниците, на христијанските заедници за да бидат едно како Него и Отецот и за светот да поверува. Папата Фрањо проповедта ја заснова на тој евангелски дел.
„Единство на христијанските заедници, на христијанските семејства е сведоштво: тие го сведочат фактот дека Отецот го испратил Исус – рече Папата додавајќи дека „можеби една од најтешките работи е токму да се постигне единство во христијанската заедница, парохија или бискупија, во христијанска институција или семејство.“ Често се срамиме заради нашата историја или историјата на Црквата: сме војувале против нашите браќа христијани! Да помислиме само на триесегодишната војна. А каде што христијаните војуваат – рече Папата – таму нема сведоштво.
Треба да бараме прошка од Господ за таа историја! Толку често имало поделби во историјата – кои не се само прашање на минатото, туку се случуваат и денес – продолжи Светиот Отец. Светот нè гледа поделени и вели: „Прво нека се согласат, потоа ќе видиме… Како тоа Исус воскресна и е жив, а овие – неговите ученици – не се сложни?“
Поделбите започнуваат од јазикот кој може да го „уништи семејството, заедницата, општеството; да посее омраза и војна“. Наместо да се бара дообјаснување полесно е да се озборува, да се уништува добриот глас на другиот. Папата раскажа анегдота од животот на свети Филип Нери кој на една жена која озборувала за покора и дал да искуби пиле да ги расфрли перјата по градот и потоа повторно да ги собере. „Но тоа не е можно!“ – рекла жената. „Така е и со озборувањето“ – објаснил светецот.
Кој озборува го валка, го уништува добриот глас, го уништува животот и тоа толку често без молитва против вистината. Исус молел за нас, за сите нас и за нашите заедници, за нашите парохии и бискупии, да бидеме едно. Да го молиме Господ да ни ја даде таа милост затоа што е многу многу голема силата на ѓаволот и гревот кој нè поттикнува да создаваме раздор – предупреди Светиот Отец.
Нека Господ ни ја даде таа милост: дарот на единството кој го создава Светиот Дух. Нека ни даде хармонија затоа што тој е хармонија. Нека ни даде мир со заедништво. Да молиме за таа милост за единство на сите христијани, за таа голема милост, но и малите секојдневни милости во нашите заедници, семејства како и за милоста „јазикот да го држиме зад забите“ – поттикна на крајот папата Фрањо.
РВ/к.мк