Исус нѐ повикува да не размислуваме во категорија на самодопадливост – рече папата Фрањо за време на молитвата Ангел Господов во недела 30 септември 2018 година на плоштадот Свети Петар во Ватикан и истакна: Во денешното Евангелие (Марко 9,38-43,45,47-48) Исус ги поучува своите ученици, кои виделе еден човек, кој не припаѓал на нивната група, како истерува бесови во Исусово име и сакале да му забранат.
Апостол Иван за тоа ревно побрал од Исус одобрение – рече Светиот Отец и нагласи: Но Исус одговорил спротивно: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. Зашто, кој не е против вас, тој е со вас“ (Марко 9,39-40).
Учениците се затворени пред настанот кој не влегува во нивниот склоп на размислување; пред доброто кое го правел тој човек, кој не припаѓал на нивната група. Меѓутоа, Исус е потполно отворен за слободата на Светиот Дух, кој во своето делување не е ограничен, и ги воспитува своите ученици и нас за внатрешна слобода.
Однесувањето на Исусовите ученици е човечки и вообичаено и можеме да го најдеме во сите времиња во христијанските заедници, најверојатно и во самите себе – рече папата Фрањо и продолжи: Со добра вера, воодушевено сакаме да заштитиме некое вистинско чувство, штитејќи го основачот или водителот од лажни следбеници. Но во исто време се плашиме и од конкуренција, дека некој ќе ни ги одземе новите следбеници. Тој страв е лош, затоа што не можеме да го прифатиме доброто кое другите го прават. Да се каже: „Тој не е добар, затоа што „не е од нашите“, тоа е еден вид на самодопадливост. Секако, тука е коренот на прозелитизам, а Црквата не расте поради прозелетизам, туку поради привлечноста и сведочењето, зборуваше папата Бенедикт.
Големата слобода со која Бог ни се дарува е предизвик и поттик за промена на нашето однесување и односи – рече Папата и напомена: Исус денес нѐ повикува да не размислуваме во категории „пријател – непријател“, „ние – оние“, „кој е внатре – кој е надвор“, туку да го отвориме срцето за да можеме да ја препознаеме неговата присутност и делување и во необичните и непредвидливите ситуации, како и во луѓе кои не припаѓаат на нашиот круг.
Се работи за тоа да бидеме внимателни кон вистинското добро, убавото и вистината, не гледајќи на името и потеклото на оној кој тоа го прави – рече Светиот Отец и додаде: Наместо да судиме на другите, мораме да се преиспитаме самите себе и без компромис да отсечеме сѐ што може да ги соблазни најслабите во верата.
Нека Блажена Девица Марија, пример за послушно прифаќање на Божјото изненадување, нека ни помогне да ја препознаеме Господовата присутност, откривајќи го и во незамисливите и невообичаените ситуации. Нека нѐ научи да ја сакаме својата заедница без љубомора и затвореност како секогаш би биле отворени за безграничното делување на Светиот Дух – рече на крајот папата Фрањо.
Ватиканњуз/к.мк