Отец Федерико Ломбарди за Синодата посветена на семејството

Никогаш во историјата се нема случено една Епископска Синода да предизвика толкаво големо внимание како Синодата што беше посветена на семејството, одржана деновиве во Ватикан. Се поттикнаа, исто така, многубројни дискусии во верските заедници за темата, која очигледно луѓето ги интересира, бидејќи ја чувствуваат за важна за животот на сите. За работата на Синодата, на начинот на кој ја доживеа папата Фрањо и во погледот на комуникацијата се осврна отец Федрико Ломбарди, директор на Ватиканската прес служба.

Истакнувајќи на почетокот дека чувството е посебно и многу поинакво од претходните Синоди, отец Ломбарди истакна, како и самиот Свети Отец, дека тоа беше само дел од патот, а не целосна Синода; беше тоа момент на долго и темелно размислување Во Црквата како заедница во движење. Папата го избра тој слоевит пат токму поради тоа што станува збор за соочување со многу тешки и интересни теми, поврзани со животот, со искуствата на црковната заедница во целата своја распространетост која го опфаќа Божјиот народ, верниците, лаиците, но и пастирите како одговорни за тој пат.

Стана збор за теми кои не се само доктринални, туку во исто време се доктринални и пасторални, спомна отец Ломбарди и додаде дека токму поради тоа Синодата беше посебно интересна и следена. Некои дури ја споредија на некој начин и со Вториот ватикански собор, што и не е потполно нелогично. Папата Фрањо ја поттикна општата Црква да чекори преку специфичните теми како што е семејството; притоа, благодарение на таа слоевита и артикулирана метода успеа да ја вклучи заедницата Црква во сите нејзини степени: започна со советувањето во заедниците, потоа на конзисториумот со кардиналите, на Сионодата со претставниците на епископските конференции и сите заедници во светот; за на крајот пак да се врати на редовната Синода, со повеќе епископи и веројатно со повеќе набљудувачи кои ја претставуваат целата црковна заедница, објасни отец Ломбарди и напомена дека станува збор за вклучување на заедница која е во од, во испитување на темите што веќе долго време ги познаваме, но теми кои бараат потемелно, систематско и заедничко размислување за нивната пасторална и доктринална природа.

На новинарското прашање што мисли за делувањето на Светиот Дух на Синодата, отец Ломбарди истакна дека папата Фрањо прецизно следеше една насока, а тоа е дека зборуваше само на проповедта на почетокот од Синодата, и на првата конгрегација, а потоа само слушаше, се со цел да остави простор за слободно изразување кое силно го поттикна за време на првата конгрегација. Не зеде збор сѐ до завршниот говор, во саботата навечер, истакна отец Ломбарди и додаде дека во текот на целата Синода Папата беше крајно мирен, дури и во моментите во кои изгледаше дека постои напнатост на Синодата. Постојано потполно се доверуваше на водството на Светиот Дух и на способноста на црковната заедница, посебно на Синодата, за духовното испитување, за барањето на доброто за Црквата, истакна отец Ломбарди.

Тоа духовно размисување е многу важно и за продолжението на Синодата. Тоа е вистински клуч за сфаќањето на целата Синода, а Папата, кој е човек на вера, ја живее токму со таков поглед. Поради тоа можеме да се надеваме дека за Црквата Синодата на целиот свој пат ќе ја постигне позитивната цел.

Што се однесува, пак до комуникацијата, отец Ломбарди истакна дека треба да се води сметка за тоа дека тоа беше посебна „sui generis“ синода и поради тоа не можеа да се користат еднакви модели и еднакви скици како на претходните. Тоа посебно се одрази во разговорот за објавувањето на излагањата во текот на општата расправа, спомна отец Ломбарди и објасни дека претходните синоди времето за расправа на заедничкото заседание било многу подолго, па така и распоредот на излагањата бил постепен. На оваа Синода во период од три дена имавме просечно по 70 излагања дневно, кои не би било можно да бидат објавени на редовен начин.

Друга тема на која посебно се расправаше беше објавувањето на документот „Relatio post disceptationem“, што секогаш се правело, затоа ниту во Секретаријатот на Синодата, ниту во Канцеларијата за печат немаше никакво двоумење, но меѓутоа, потоа се сфати дека синодските отци не беа свесни дека документот ќе биде објавен. Веројатно неговото објавување ги изненади поради големото интересирање кое владееше годинава, додека во претходните случаи објавувањето на тој документ немаше посебен оддек и не поттикна расправи, истакна отец Ломбарди.

Токму тој документ „Relatio post disceptationem“, го означи преминот на вториот дел од Синодата, во работата во мали групи, која е многу подобро сфатена во однос на претходната Синода, дури и од страна на новинарите и набљудувачите кои ја следеа Синодата однадвор, рече потоа отец Ломбарди и го изрази своето уверување дека објавувањето на документите беше потребно. Овде вреди да се истакне дека оваа Синода е потранспарентна и со подобра комуникација во однос на претходните. На сите оние што сакаа да разберат што се случува на Синодата, богатството од комуникации им помогна во тоа, забележа отец Ломбарди.

Осврнувајќи се на пропратноста на Синодата, отец Ломбарди кажа дека секогаш проблемот е длабочината со која се сфаќа она што се случува и кој е патот на Црквата; она што обилно недостасува е степенот на сфаќање на верата, што за Црквата е многу важно. Не станува збор за вреднувањето на Синодата од поглед на завземање на некоја страна и од поглед на управувањето на Црквата од страна на Папата како стратешки човечки проблем, туку станува збор да се сфати дека Папата сакаше Црквата да тргне на пат и Црквата навистина тргна на пат за барање на Божјата волја, во светлото на Евангелието и верата, за да ги пронајде одговорите на најголемите прашања во врска со семејството, а во некоја смисла и за антропологијата, за состојбата на мажите и жените во денешниот свет.

Тргна слободна и многу способна за взаемно слушање со голема доверба и без страв, додаде отец Ломбарди. Поклоненик кој оди барајќи ја Божјата волја, во одредена смисла, не знае каде ќе стигне, но знае дека Бог го придружува па затоа се доверува; знае дека ќе оди во вистинска насока ако продолжи со доверба следејќи ги Господовите упатства… . Тоа обично недостасува гледајќи однадвор, додека многу е важно тоа ние да го имаме секогаш на ум и токму тоа да биде духот со кој сега одењето продолжува меѓу вонредната и редовната Синода, спомна директорот на Ватиканската прес служба.

РВ/В.Н.

Категорија: Ватикан

За авторот