На литургијата со Папата во Гуајакил над милион верници

Помош на општеството за семејството не е „форма на милостина, туку вистински социјален долг“ кон една институција во која се учи на љубов, на служење, на помош. Ова го истакна папата Фрањо на својата прва литургија, која ја отслужи во понеделникот во Гвајакил пред еден милион луѓе.

Литургијата беше посветена на семејството, а проповедта на Папата беше инспирирана од евангелскиот дел за чудото со виното на свадбата во Кана Галилејска (Иван 2,1-11) – „првиот пророчки знак на Исус“, како почеток на своите знаци.

Загриженоста на Марија станува молба кон Исус, рече Папата: „Немаат вино“. Тој упати силен апел до повредените семејства: да се поврати радоста во семејството, што е можно само со помош на Марија. Исто како на свадбата во Кана Галилејска, каде виното е знак за радост и љубов:

„Колку деца и млади разбираат дека во нивните домови веќе подолго време недостасува ова вино!“, истакна Папата. „Колку осамени и ожалостени жени се прашуваат за него, кога љубовта го напуштила нивниот живот! Колку возрасни луѓе се чувствуваат туѓи на празниците на своите семејства, напуштени во некој ќош, без секојдневната храна на љубовта на нивните деца, внуци и правнуци! Недостатокот на вино може да биде последица од недостатокот на работа, на болест, на проблематични ситуации низ кои нашите семејства минуваат по целиот свет“.

Марија е сведок на сето ова: „Таа е нежна мајка, која се обраќа со доверба кон Исус, моли за да се интервенира – истакна Папата. На овој начин Марија го превзема „часот на Бога“:

„Таа нѐ учи да ги довериме нашите семејства во рацете на Бог; нѐ учи да се молиме, зголемувајќи ја надежта дека нашите грижи се исто така и грижи на Бог. Молитвата ни помага да го преминеме ѕидот на нашите загрижености, страдања, неуспеси и да ни помогне да застанеме на местото на другите. Семејството е училиште во кое молитвата нè потсетува дека „кај нас“ постои ближен кој живее под нашиот покрив, кој го дели со нас животот и има свои потреби“.

Марија ни покажува, додаде Папата дека „служењето е критериумот за вистинската љубов. Тоа се учи само во семејството, каде стануваме работници на љубовта едни за други“. Папата повторно потсети на трите „магични“ зборови, кои треба да се научат во семејството: дозволете, извинете и се заблагодарувам. „Мали гестови кои помагаат, таму каде што има страдање“. „Семејството е најблиската болница“ … „првото училиште за децата“ и „незаменлив знак за младите“, „најдобро засолниште за возрасните“. „Семејството е големо општествено богатство, кое треба да се помага и зајакнува, за да не се изгуби вистинската смисла на социјалните услуги за граѓаните. Овие услуги не се форма на милостина, туку вистински „социјален долг“ кон семејната институција која е основа и придонесува за општото добро“.

Многу често реалноста во семејствата не е идеална и е исполнета со тешкотии, истакна Папата. Оттука и неговиот повик за молитви за претстојната Синода за семејствата, кој ќе се обиде „да најде решенија и конкретна помош“, дури и за она што ни изгледа „неправилно, што скандализира и плаши“. „Бог може да го направи сето тоа преку чудо – истакна папата Фрањо. Семејството има потреба од тоа чудо!“.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот