Папата: Црквата расте во тишина

Папата: Црквата расте во тишина

Осврнувајќи се на Евангелието според Лука за Литургија на 15 ноември 2018, Папата истакна дека Црквата се манифестира во евхаристијата и во добрите дела; освен тоа има тивок темперамент, раѓа плодови без врева.

Црквата расте во едноставноста, тишината, пофалбата, евхаристиската жртва и во братското заедништво, таму каде сите се сакаат – рече папата Фрањо на светата Литургија која ја служеше во домот Света Марта на 15 ноември 2018 година, осврнувајќи се на литургиското Евангелие (Лука 17, 20-25) и истакнувајќи дека царството Божјо не е ништо спектакуларно, туку дека расте во тишината.

Црквата се манифестира во евхаристијата и во добрите дела, иако тоа не е никаква вест – рече Папата и нагласи: Христовата Свршеница има тивок темперамент, раѓа плодови без врева, не „труби“ како фарисеите. Како расте Црквата ни објасни Господ во параболата за сеачот. Сеачот сее и семето расте дење и ноќе. Бог дава да расте, а потоа се гледат плодовите. Но, како прво важно е Црквата да расте во тишина и во сокриеност. Тој е начинот на Црквата. Како се манифестира Црквата? Преку плодовите на добрите дела за луѓето да ги видат и да Го слават Отецот Кој е на небесата, рече Исус и во славењето, пофалбата и жртвата Господова, односно во евхаристијата.

Таму се манифестира Црквата; во евхаристијата, во добрите дела – рече Светиот Отец и продолжи: Таа расте преку сведоштвото, молитвата, Светиот Дух Кој привлекува и Кој е во неа, а не преку настаните. Сигурно и тие помагаат, но вистинскиот раст на Црквата е оној кој дава плод, се случува во тишина, во сокриеност, во добрите дела и вославењето на маката и прославата Господови. Господ ни помага да не бидеме заведени. Би сакале Црквата да биде видлива и затоа се прашуваме: што можеме да направиме повеќе да се гледа? Црквата обично со тоа станува Црква на настани која не е способна да расте со добрите дела, во тишината и сокриеноста.

Во светот во кој премногу често се попушта на искушенијата на спектакуларноста, световноста и привидното и самиот Исус бил во искушение заради тој спектакл кој заведува. Ѓаволот му рекол: Но зошто толку да чекаш за да го откупиш човештвото? Направи некое убаво чудо. Фрли се од врвот на храмот и сите ќе дојдат, ќе видат и ќе поверуваат. Но, Он го избира патот на проповедањето, молитвата, добрите дела, крстот и страдањето. Крстот и страдањето се неопходни. Црквата расте преку крвта на мачениците, мажите и жените кои го даруваат својот живот. Денес ги има многу. Тие не се вест за овој свет, тој ги сокрива. Духот на овој свет не поднесува мачеништво, туку настојува да го сокрие – заврши папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот