Отворена изложба во Музејот на град Скопје посветена на света Мајка Тереза

Во вторник 06 септември 2016 година во Музејот на Град Скопје се отвори изложба посветена на животот и духовниот пат на света Мајка Тереза, во организација на сестрите „Мисионерки на љубовта“ или познати како сестрите од редот на Мајка Тереза.

Изложбата ја отвори сестра Кристина која во својот говор се осврна на животот на света Мајка Тереза, нејзиниот духовен развој и духовен пат по кој таа чекорела, нагласувајќи дека воопшто не бил лесен, нагласувајќи дека света Мајка Тереза подолго време чувствувала темнина низ својот духовен пат.

Со оглед на тоа дека оваа изложба се отвора токму во нејзиниот роден град, сестра Кристина се присети на моментот кога Мајка Тереза го посетила својот роден град Скопје по 50 години: „Кога таа дојде во Скопје, во Скопската катедрала и ја виде статуата на Пресветото Срце Исусово, клекна пред неа и рече – сѐ започна тука.“

На отворањето беше присутен Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, како и директорот на Музејот г-дин Томислав Микулиќ со чија соработка оваа изложба се реализира. Во оваа прилика господинот Микулиќ изјави: „Ова не е прв пат да соработуваме со сестрите „Мисионерки на љубовта“, пред неколку години исто така поставивме изложба посветена на Мајка Тереза. Чест ни е што имавме можност да излеземе во пресрет и овој пат и што успеавме да ја реализираме оваа изложба. Она што би можел да кажам за оваа изложба е дека е многу интересна, а приказната која овие фотографии ни ја раскажуваат за животот на света Мајка Тереза пред сѐ е поучна за сите нас. Се надевам дека соработката со сестрите „Мисионерки на љубовта“ и понатаму ќе продолжи.“ Инаку, оваа изложба е во рамките на манифестацијата „Денови на света Мајка Тереза“ во Скопје.

к.мк/Е.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот