Од проповедта на папата Фрањо: И денес постои диктатура на едноумие
И денес постои диктатурата на едноумие која ја убива слободата на државата, народот и слободата на совест: треба да бдееме и да молиме – рече Папата во проповедта на светата Литургија на 10 април во капелата на домот Света Марта.
Папата се осврна на првото литургиско читање за да го протолкува фарисејското затворање на Исусовата порака: нивната грешка била во тоа што заповедите ги разделиле од Божјото срце. Мислеле дека со запазување на заповедите можат да решат сѐ, но заповедите не се „ладни прописи“, затоа што се плод на односот на љубовта и патокази на патот за да го сретнеме Исуса. Фарисеите своето срце и умот го затвориле за „секаква новина“, тие не го сфаќаат „патот на надежта“ – објасни Папата додавајќи:
Тоа е драмата на затворено срце и ум, а кога срцето е затворено тоа го затвора и умот, а ако срцето и умот се затворени, тогаш нема место за Бог, туку само за она што сметаме дека треба да се прави. Напротив, заповедите содржат ветување, а пророците се ветување. На оние чие срце и ум се затворени не успеваат да ја прифатат „пораката на новоста“ која ја донесува Исус, а која ја ветиле пророците и Божјата верност. Фарисеите тоа не го сфаќаат.
Затворената мисла не е отворена за дијалог, ниту за можности дека постои нешто друго, дека Бог може да ни зборува, да ни го покаже својот пат, како што правел со пророците. Луѓето со затворени срца не ги слушале ниту пророците ниту Исус. А тоа е нешто повеќе од тврдоглавост. Зар не, е нешто повеќе: тоа е идолопоклонство, обожавање на сопствените мисли. Јас мислам така, тоа мора да биде така и никако поинаку. Фарисеите биле во едноумие, а сакале на Божјиот народ да му наметнат едноумие, затоа Исус ги укорува: народот го оптеретувате со многу закони, а вие ниту со прст не се помрднувате – потсети папата Фрањо.
Исус ја укорува нивната недоследност. Нивната теологија е роб на тој мисловен склоп: едноумие. Не постои можност за дијалог, не постои можност за отворање за новини кои Бог ги донесува преку пророците. Тие ги убиле пророците; ја затвораат вратата на Божјото ветување. А кога во историјата на човештвото се појави едноумие, колку несреќа! Минатиот век ја почувствуваме диктатурата на едноумие, многу луѓе се убиени, а кога се чувствувале како господари не можело поинаку да се мисли. Вака треба да се мисли! – истакна Светиот Отец.
Па и денес – продолжи Папата – постои идолопоклонство на едноумието. Денес мора да се размислува вака, а ако така не мислиш не се модерен, не си отворен, па дури и полошо. Некои државници често велат: Барам помош, финансиска поддршка за некој проект, но, ако сакаш поддршка тогаш мораш да мислиш вака, мораш да ги усвоиш овие закони… И денес постои диктатурата на едноумието, а таа диктатура е иста како и диктатурата на овие луѓе: зема камен за да ја каменува слободата на државата и народот, слободата на совеста и односот на луѓето со Бог. И денес по втор пат е распнат Исус – рече Папата.
Господовата опомена е секогаш иста пред таа диктатура: бдејте и молете; не биди безумен, не купувај работи кои не служат, биди понизен и моли Господ секогаш да ни ја даде слободата на отворено срце, да можеме да го примиме Неговото Слово – ветување, радост и сојуз. И напред со тој сојуз – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.