Од проповедта на Папата: Треба да се размислува за Евангелието, а не да се гледаат телевизиски сапуници

Секојдневното размислување над Евангелието ни помага да имаме вистинска надеж – рече Светиот Отец во проповедта за време на светата Литургија на 3 февруари во домот Света Марта. Папата ги поттикна уште еднаш верниците на носење и редовно читање на Евангелието – па макар и на 10 минути – подобро со Господ да водиме дијалог, отколку времето да го посветиме на гледање разни серии или озборување на ближните.

Каде е точката на нашата надеж? – праша папата Фрањо – насочете го погледот кон Исус – продолжи Папата наоѓајќи охрабрување во Посланието до Евреите кое зборува за христијанската надеж. Без слушање на Господ можеби можеме да имаме оптимизам или позитивно да гледаме на животот, но на надеж се учиме гледајќи го Исус. Потоа папата Фрањо започна да зборува за молитвата на контемплација.

Папата рече дека е добро да се моли Бројаница секој ден; да разговараш со Господ или со Богородица или со светците кога си во тешкотија. Сепак важна е и молитвата на контемплација, а таа се врши само со Евангелието во раце. Како на пример да контемплираш за денешното Евангелие?

Гледам како Исус се наоѓа меѓу многу народ. Зборот многу народ се повторува пет пати во денешниот текст. Зарем Исус не се одмарал?! – праша Папата продолжувајќи со толкувањето – Сега можам да размислувам: Исус постојано бил меѓу многу народ. Поголемиот дел од своето јавно делување го поминал на патот, меѓу многу народ… но, зарем никогаш не се одмарал? Да, еднаш – вели Евангелието – задремал на коработ и тогаш навалила бура и учениците брзо го разбудиле. Исус постојано бил со народот. Ете, така Го гледам Исус, така Го замислувам и контемплирам, а потоа му го кажувам она што ми доаѓа на памет.

Исус обрнува внимание на една болна жена која меѓу толку многу народ му ја допрела облеката. Исус не само што го разбира мноштвото или го слуша, туку го познава и чукањето на срцето на секој од нас; за сите нас постојано се грижи! – рече Светиот Отец и продолжи – Во случајот со ќерката на началникот на синагогата го прави истото: сè остава, а се дава за она на што Го повикуваат. Пристигнувајќи во куќата Исус наоѓа жени кои плачат, бидејќи девојката умрела. Кога се обидел да ги смири Го исмеале. Овде се гледа – рече Папата – Исусовото трпение. По воскресението на девојката Исус наместо да каже „Слава на Бога“, вели „ Дајте и да јаде“ Тоа се мали детали кои Он секогаш ги забележува – рече папата Фрањо.

Тоа е молитвата на контемплација над ова Евангелие; земето го Евангелието, прочитајте го и замислете се во таа сцена; замислете го она што се случува и разговарајте со Исус онака како што ви избрзува од срцето. Така правиме за надежта да порасне, бидејќи го насочуваме погледот кон Исус. Молете ја ова молитва – ги поттикна папата Фрањо присутните – дома, доволно ти е 15 минути. Земи го Евангелието, краток дел и замисли што се случува во тој дел и за тоа разговарај со Исус. Така нашиот поглед останува насочен кон Исус – смета Папата.

Сеќавањето на поминатиот пат, на толку милости примени од Господ! Он е единствениот Кој може да ми даде надеж. За да Го гледаме Господ, за да Го познаваме, треба да ја практикуваме ова молитва на контемплација над Евангелието – поттикна Папата. Денес на пример земете си 10-15 минути – не повеќе – прочитајте некој евангелски дел, замислете ја сцената и кажеме Му го на Исус она што ви доаѓа од срцето. Така вашето познавање на Исус ќе порасне, а така и вашата надеж. Не заборавајте да го насочувате погледот кон Исус, а со тоа не заборавајте ја ниту молитвата на контемплација – заврши на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот