Од проповедта на Папата: Бог се објавува на понизните срца

Кој сака да го спознае Божјото таинство нека се стави на колена, бидејќи се објавува на понизното срце – рече папата Фрањо во проповедта на светата Литургија на 2 декември во капелата на домот Света Марта.

Сиромашните очи полесно го гледат Христос, а преку Него и Божјото таинство. Другите пак кои со способноста на својата интелигенција настојуваат да проникнат во тоа таинство треба најпрво да се стават на колена, да се понизат, инаку нема да сфатат ништо. Папата Фрањо ја истакна вистината и парадоксот на таинството на радосната вест: Царството Божјо припаѓа на „бедните по дух“, рече коментирајќи го делот од Евангелието по Лука. Исус му благодари на Отецот, бидејќи одлучил да се објави на оној кој во општеството ништо не значи или пак значи но знае да биде „мал“ во душата – рече Светиот Отец, додавајќи:

Он ни го објавува Отецот, ни го објавува Неговиот внатрешен живот. На кој го објавува Отецот? На кој ја дава таа милост? „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, оти си го сокрил ова од мудрите и разумните, а си го открил на простите. Го објавува Отецот на оние кои имаат срце како малите, кои се способни да ја примат таа објава, кои имаат понизно и искрено срце, кои чувствуваат потреба за молитва, дека треба да се отворат за Бог, кој е сиромашен; оној кој со првото блаженство оди напред: беден по дух – рече Папата.

Сиромаштвото е привилегирана карактеристика за отворање на вратата на Божјото таинство. Понекогаш може да недостасува таа карактеристика на оние кои цел живот го проучуваат Божјото таинство. Многумина се способни да ја спознаат науката, исто така и теологијата. Но, ако теологијата не ја учат на колена односно понизно тогаш ништо нема да сфатат.

Само тој вид на сиромаштво е способно да ја прифати Божјата објава во Исус и преку Исус. Исус не доаѓа како некој командант, воен генерал, моќен управител, доаѓа како Младенец. Слушнавме во првото читање: „И ќе потера фиданка од Јесеевата пењушка“. Он е младенец: понизен е, благ; дошол заради понизните, заради искрените, дошол да донесе спасение на болните, сиромашните и угнетените – рече Папата.

Исус бил прв маргинализиран. Големината на Божјото таинство – повтори Папата – може да се спознае единствено во Исусовото таинство, во таинството на намалување, самооткажување, понизност, таинство кое донесува спасение за сиромашните, болните, грешниците и очајните. Исусовото таинство не може да се сфати надвор од тие рамки – рече Светиот Отец.

Бидејќи сме во време на пост, да го молиме Господ сѐ повеќе и повеќе да нè приближува кон своето Таинство и тоа да го прави на патот кој е по Негова волја: патот на понизноста, искреноста, сиромаштвото, пат на кој се чувствуваме грешници. Така ќе дојде да нè ослободи. Нека Господ ни ја подели таа милост – заврши Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот