Во црквата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ во Сртрумица во вечерните часови во недела 25 јуни 2023 година се одржа молитвена средба „Вечер со Богородица“ во организација на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица и Радио Марија. На средбата присуствуваа верници од Струмица, Радово, Нова Маала, Богданци, Петралинци, Сарај…
На почетокот од средбата о. Гоце Костов, парох и директор на Радио Марија ги пренесе поздравите на епископот Н.В.П. монс. Киро Стојанов со чиј благословот и поддршка се одржа овој настан, а потоа додаде: „Сите донесовме по нешто во нашите срца, кои со ритамот на чукањето молат, а Богородица го разбира тоа чукање и тој говор. Сигурен сум дека оваа вечер Богородица нашите молитвени накани и потреби на посебен начин ќе му ги пренесе на својот Син, како што тоа го направи во Кана Галилејска.“
Потоа следуваше молење Света Бројаница, која ја молеа верници од различни парохии, а помеѓу секоја десетка се пееше „Здраво Царице на мирот“, се читаа делови од Светото Писмо, проследено со кратко размислување. По Бројаницата следуваше Литанија до Пресвета Богородица.
Пред присутните сведоштво даде Катерина Ристова, која зборуваше за милостите и помошта која ја почуствувала од нежната рака на Богородица, додека била тешко болна од Ковид – 19. Нејзината здравствен состојба започнала да се подобрува од моментот кога се приклучи на Светата Бројница која во тоа време од ова место се пренесуваше преку Facebook.
Во кратката хомилија о. Гоце Костов, осврнувајќи се на интервенцијата на Богородица во Кана Галилејска рече: Ја гледаме Богородица тивка, повлечена, но секогаш присутна во животот на Исус. На сличен начин таа е присутна и во нашиот живот и можеме да ја искусиме како голема застапничка помеѓу Бога и нас. Богородица е со нас во сите наши секојдневни пријатни и непријатни моменти, секогаш е присутна и секогаш внимава да нѐ ни биде одземена радоста, затоа што секогаш ја гледа нашата радост, грижа, потреба, мака и неволја. Таа постојано му зборува на Исус за нас, за нашите потреби. Сигурен сум дека Богородица оваа вечер, читајќи од нашите срца му вели на Исус: „Немаат вино“ (Иван 2,3), немаат радост, немаат време, немаат мир, немаат трпеливост, немаат здравје, немаат работа, немаат љубов, немаат…“
Средбата заврши со благослов, заедништво и дружење. Првично беше планирано средбата да се одржи во црковниот двор, но поради временските услови настанот мораше да биде преместен во црквата.
Целиот настан музички го придружуваше бендот и хорот на млади од парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица под раководство на Томе Васиќ.
к.мк/фотографии: Сречко Гунчев