Објавен работниот документ за синодата

Предизвици, звање и посланието на семејството – се насоките на работниот документ за редовната епископска синода за семејството која ќе се одржи во Ватикан во октомври.

Предизвици, звање и посланието на семејството – се насоките на работниот документ за редовната епископска синода за семејството која ќе се одржи во Ватикан во октомври. Работниот документ (т.н. Instrumentum laboris) денес објавен и претставен во Канцеларијата на печат на Светиот Престол го содржи комплетниот завршен документ од минатогодишната вонредна синода (т.н. Relatio synodi) со резимето на одговри на прашањата кои Секретаријатот на синодата ги испрати до Црквите во целиот свет.

Документот е поделен во три дела: Слушање на предизвиците на семејството, расудување за семејното звање и денешното послание на семејството. Предизвиците кои се пред семејниот живот се разгледуваат во светло на културните прилики на нашето време со кои налага личниот идентитет и интимните чувства да се остваруваат во целосна независност од билошките разлики на мажите и жените и кои сакаат брачната заедница да се нарече парови без разлика од кои пол се тие. Во тој контекст потребно е подлабоко човечко и културолошко, а не само билошко размислување за разликите помеѓу половите бидејќи како што стои во документот, отстранувањето на тие разлики е проблем, а не решение.

Instrumentum laboris исто така ја преиспитува „општествената противречност“ која води до распаѓање на семејството: војни, миграција, сиромаштво, лихварство, култура на искористување и отфрлање, тешка економска состојба и неспособноста на институциите да го поддржат семејството кое е основен и незаменлив столб на општеството. На семејствата им се потребни соодветни програми кои водат сметка за социјалната помош. Подготвителниот документ ја нагласува важноста на семејството како средство за вклучување, особено за ранливите групи, како вдовиците, старите луѓе и лицата со посебни потреби кои се соочуваат со општествените етикетирања и предрасуди.

Посебно пасторално внимание треба да се посвети на семејствата мигранти особено кога се соочени со неприфаќање и непочитување на човековите права, можат да паднат под влијанието на фундаментализмот. Драмата со тоа станува поголема кога се работи за нелегална миграција која ја поддржуваат меѓународните кругови на трговија со луѓе.По прашањето за улогата на жената, документот потсетува на тешките појави на експлоатација, насилство, абортус, сурогат мајчинство и трговија со јајце клетки, но поттикнува и на силно вреднување на улогата на жената во Црквата.

Вториот дел од документот ја потврдува неразрешливоста на светотаинскиот брак, потсетувајќи дека Црквата треба да ги следи сопружниците во тешките моменти од брачниот живот, со милосрдието кое „ништо не одзема од вистината“.

За темата разведени и лица кои се во втор граѓански брак и можноста за пристап на исповед и Причест повеќе од синодските оци покажаа поддршка за актуелната дисциплина, врз основа на науката за неразрешливоста на бракот. Во согласност со апостолското писмо Familiaris consortio за разведените и повтроно склопен граѓански брак кои поради некои околности не можат да го напуштат заедничкиот живот, се предлага патот на обраќање, праксата на духовна причест и живот во воздржување. Други предлози се, во одредени случаи луѓето да пристапуваат на „покорнички пат“ под одговорноста на месниот епископ, со намера за евентуално светотаинско помирување и причест.

За подобро да се сфати објективната грешна состојба и моралната одговорност, предложено е да се земе во предвид писмото на Конгрегацијата за вера за примањето на светата Причест за разведените и повторно склопен граѓански брак од 1994 година и изјавата на Папскиот совет за толкување на законските прописи за прием на светата Причест на разведените и повторно склопен граѓански брак од 2000 година.

Instrumentum laboris потврдува дека нема никаков темел ниту за потврдување на слабата аналогија помеѓу бракот и истополовата заедница, истакнувајќи истовремено дека секој човек, независно од половите склоности треба да се почитува и прифати и во Црквата и во општеството и да се избегнува секоја неправедна дискриминација.

И во последното поглавје документот ги повикува христијанските политичари да промовираат закони кои ќе го заштитуваат животот од зачнувањето до природната смрт. Појдовна точка секогаш останува Humanae vitae на блажен Павле VI. Понатаму се поттикнува на поголемо вреднување на посвојувањето на деца и е нагласено дека воспитанието на децата треба да се заснова на разликите помеѓу половите. По прашањето за абортусот, Црквата уште еднаш ја нагласува светоста и неповредливоста на животот и потсетува на правото на говорот на совеста за луѓето во медицинската струка.

На крајот се истакнува дека родителите се првите воспитувачи на своите деца и први сведоци на верата, треба да ги надгледуваат наставните програми и дека семејството за децата е првото училиште. Посебно се спомнуваат бабите и дедовците, како „незаменливи апостоли“ на семејството кои често им помагаат на младите сопружници во грижата за децата и пренесувањето на верата. На четиринаесетата редовна синода епископите во октомври ова година ќе го разгледуваат „повикот и посланието на семејството во Црквата и современиот свет“ – стои во заклучокот на работниот документ.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот