Објавена пораката на Папата за претстојниот Светски ден на мирот

Треба да се „глобализира братството“ како би се победил „одвратниот феномен“ на ропството – беше сржта од пораката на папата Фрањо за 48 Светски ден на мирот, кој ќе се одржува на 1 јануари. Документот, под наслов, „Не повеќе робови, туку браќа“, ги опишува причините за трговија со луѓето, меѓу кои се и криминалните мрежи кои управуваат со таква трговија и ги охрабрува сите држави да го спроведат ефективниот систем за следење со што не би имало место за корупција и неказнивост.

„Одвратниот феномен“ е „злосторство против човештвото“ кое погодува милиони луѓе – со тие зборови папата Фрањо во пораката го опиша ропството, осврнувајќи се на Посланието од свети Павле до Филемон (Филемон 1, 15-16).

Пораката има два дела; во првиот дел Папата ги опишува многуте лица на ропството и спомнува за жртвите принудени на работа под ропство, мигрантите кои се лишени од слобода, малтретираните, притворените во нечовечки услови, оние кои работодавачите ги уценуваат; сексуалние робови, децата војници, жртвите на нелегалната трансплатација на органи или тајни форми на присвојување, како и заробените во рацете на терористите.

Но, ако ропството има толку лица, еднакво толку постојат и неговите причини. Првата е – истакна Папата – онтолошка, предизвикана од гревот кој го расипува човековото срце; тоа е отфрлање на човештвото на другиот човек, постапување со него како да е предмет, средство, а не цел. Постојат и други причини: сиромаштијата, неможноста на пристап до образование и до работа, криминалните мрежи кои управуваат со трговија на луѓе, вооружените конфликти, тероризмот, криминалната употреба на интернетот со цел да се привлечат помладите. А исто така и корупцијата која – според зборовите на Папата – поминува и преку системот на полицијата и државата.

Другиот дел од пораката охрабрува на сузбивање на ропството со општо и заедничко делување, преку „глобализацијата на братството“ која знае да се спротивстави на „глобализацијата на рамнодушност“ која е многу раширена во современиот свет. Како што истакна Светиот Отец, постојат три начини на кои институциите треба да делуваат: да го спречат злосторството на ропството, да се заштитат жртвите и да се казнат одговорните. Потребни се сепак, „праведни закони“ за миграцијата, за работата, за посвојувањето, како и преместувањата на фабриките со цел да се заштитат основните права на човекот и почитувањето на неговото достоионство.

Исто така потребни се – според папата Фрањо – ефективни системи за следење кои не оставаат простор за корупцијата и неказнивост. Светиот Отец при тоа ги повикува на одговорност сите фактори во општеството и побара признавање на општествената улога на жената, за пристојна работа и соодветни плати за вработените во фирмите, ланците на дистрибуција да бидат ослободени од феноменот на трговија со луѓе, и меѓувладината соработка да биде со цел да се сузбијат транснационалните мрежи на организираниот криминал кои се занимаваат со нелегалната трговија на мигранти.

Папата им се обрати и на потрошувачите и ја истакна нивната општествена одговорност, како да бидат свесни дека – како што напиша Бенедикт XVI во енцикликата ‘Каритас ин Веритате’ – купувањето е морален чин, а не само економски (бр. 66). Пред трговијата со луѓе или со производите реализирани преку искористувањето на други луѓе, сите сме повикани– рече Папата – како оние што затвораат едно око заради незаинтересираност или од корист, како и оние што одлучуваат да се ангажираат или пак да направат еден мал гест со обичен поздрав или насмевка упатена до жртвата на ропството.

Треба да се глобализира братството, а не ропството и рамнодушноста – тоа е, всушност, поттик од папата Фрањо, со цел како мажите и жените со добра волја не би станале учесници во тоа зло и како би ја вратиле надежта на жртвите од трговијата со луѓе.

Светиот Отец на крајот ја спомна света Џузепина Бахита, како и многубројните монашки заедници, особено женските, кои –следејќи го нејзиниот пример – работат во корист на жртвите од трговијата со луѓе. Папата се осврна и на христијанската заедница – која ја нарече „место на заедништвото живеено меѓу браќата“ – чија разноликост во корените и социјалниот статус не го намалува нејзиното достоинство, ниту  ја исклучува од припадноста на Божјиот народ, затоа што сите се обединети со врската на братство во Христос. Затоа нека се почитува достоинството на човекот, слободата и независноста, базирајќи се на меѓучовечките односи на почитување, праведност и н љубов и тоа во името на братството, основната врска на семејството и општеството – истакнува на крајот папата Фрањо.

РВ/З.А.

Категорија: Ватикан

За авторот