Шарл де Печпејру за изданието на „L`Osservatore Romano“ од 15 април, за петтата годишнина од разорниот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз, разговараше со монс. Оливие Рибадо Думас, ректор на катедралата. Подолу е целосен превод на тој разговор.
Поубава, но пред сè уште поподготвена да ги прими и католиците кои ќе дојдат да се молат, но и посетителите во потрага по смисла, а можеби и за Бог: таква би требало да биде Нотр Дам кога повторно ќе ги отвори вратите во декември. Најголемиот дел од реставраторските работи на катедралата, која во голема мера беше уништена од пожарот во ноќта на тој страшен 15 април 2019 година, ќе бидат завршени во наредните месеци. Ова за „L`Osservatore Romano“ го истакна монс. Оливие Рибадо Думас, ректор и архипрезвитерр на катедралата од 2022 година. Повторното раѓање на париската црква, нагласува ректорот, е знак на надеж за католичките бискупии и за целиот свет.
Прво лично прашање: Каде бевте кога избувна пожарот во Нотр Дам?
Мислам дека 15 април 2019 година е еден од оние поважни датуми, како 11 септември 2001 година кога се случи нападот во Соединетите Американски Држави, кога сите се сеќаваат каде беа и што правеа. Тогаш бев гласноговорник и генерален секретар на Француската бискупска конференција и бев во мојата канцеларија во Париз кога ме известија дека катедралата гори. Почнав да одговарам на прашањата на новинарите кои веднаш започнаа да се јавуваат од целиот свет: од радио, телевизиски канали итн. Отидов во катедралата утрото на 16 април за да го пречекам министерот за внатрешни работи, кој доаѓаше да ја посети катедралата како и командантот на противпожарната бригада, чии луѓе ја спасија Нотр Дам од целосно уништување. Парискиот надбискуп уште во текот на ноќта беше лично на лице место со претседателот на Републиката.
Во која фаза е обновата на катедралата денес?
Се сеќаваме дека набргу по пожарот, во јули 2019 година, беше усвоен закон за формирање на јавно тело одговорно за обнова на катедралата под државен надзор. Ова тело прво изврши безбедносни работи кои траеја околу осумнаесет месеци, а потоа и реконструкција. Денеска доаѓаме до последната фаза од оваа работа. Веќе извесно време кулата повторно се гледа, ја покриваме дрвената конструкција на наосот, трансептот и куполата кои се целосно обновени. Понатаму, по чистењето на каменот и прозорците и обновувањето на сликите, внатрешноста на катедралата доби извонреден изглед. Наоѓаме некои димензии кои повеќе не се перципираа во текот на времето: чувството на возвишеноста на готската катедрала, но и нејзината ширина. Капелите, кои беа сите црни, сега се издвојуваат, а синиот камен на катедралата придонесува за потопла атмосфера. Неодамна се поставени километри кабли неопходни за снабдување со електрична енергија.
Париската бискупија од своја страна се погрижи за целиот внатрешен интериер, за кој е одговорна.
Ова е проект кој има неколку аспекти. Прво требаше да го избереме светиот мебел: крстилницата на влезот во катедралата, олтарот на преминот на трансептот, табернакулот на олтарот Виоле-ле-Дука, на задната северна страна и амвонот во подножјето на статуата на Богородица, на јужната страна, која за чудо се спаси од пламените јазици во ноќниот пожар. Овој мебел, направен во работилница сместена на југот на Франција, ќе биде испорачан наскоро. Второ, столовите, чија изработка ад хок уметничкиот одбор го довери на француската дизајнерка Јона Вотрин, се произведуваат во работилницата во Ландес, на југозападот на земјата, во количина од 150 парчиња месечно. Тие ќе бидат готови за повторно отворање на катедралата. Третиот внатрешен проект се однесува на преуредување на капелите и хорот: идејата беше да се создаде „ходочеснички пат“ за да се овозможи проток од 15 милиони посетители годишно кои се очекуваат со повторното отворање (претходно имаше 11 милиони во просек ) и кој би доживеале вистинска средба внатре во катедралата.
Не го користите намерно терминот „турист“?
Претпочитам да зборувам за посетители отколку за туристи, бидејќи посетителите посетуваат, остваруваат можна средба со Христос, што може да биде поттикнато од сведочењето за верата на верниците кои ќе се молат внатре во катедралата, особено благодарение на Мисите што ќе се слават на централниот олтар, односно меѓу посетителите. Исто така, оваа средба со Бог се доживува преку уметноста, која е присутна насекаде во катедралата, бидејќи убавината ни зборува за Бога. Затоа капелите се темелно преуредени за посетителите да можат да ја разберат кохерентноста на нашиот предлог, кој е изразен преку патот за кој зборував претходно: почнуваме од северната страна на катедралата – која раскажува за раѓањето и јавниот живот на Исус – до јужната страна, покрај Сена, која раскажува за Христовото воскресение. Помеѓу тие два простора, како симбол на средната фаза претставена со Христовото страдање, ќе поставиме монументален реликвијар со трнен венец. Со волонтерите, свештениците, капеланите и триесетина исповедници, се стремиме да ја направиме оваа катедрала место на вера, литургиско изразување, славење и молитва. Сакаме да ја поттикнеме народната побожност, личната и заедничката димензија на молитвата.
Официјалното повторно отворање ќе се случи на 8 декември, на празникот Безгрешно зачнување на Пресвета Богородица. Каква прослава се планира?
Вечерта на 7 декември ќе има свечено отворање на вратите на Нотр Дам во присуство на државните власти, по што ќе следи благослов на оргулите (кој беа целосно демонтирани и повторно ммонтирани), Te Deum и Magnificat. Утрото на 8 декември, втората недела на Божиќниот пост, ќе се изврши посветувањето на новиот олтар и евхаристиското славење. На празникот Безгрешно зачнување, 9 декември, воедно и последниот ден од овој посебен тридневен период, ќе се служи света Миса во присуство на бројни епископи и свештеници од Франција и од целиот свет. Се надеваме дека парижаните ќе можат да бидат присутни во катедралата која има само 1 500 места за седење и во дворот на катедралата ќе биде поставен голем шатор. На други места во главниот град ќе бидат поставени големи екрани за не само католиците, туку и сите жители на Париз повторно да ја видат својата катедрала, онаа која бдее над градот. Во наредните денови, до 15 декември, претпладне ќе се служат свечени свети Миси за добротворни здруженија, за сиромашните, за верските заедници, за младите, за донаторите, за негувателите итн. На крајот, во наредните месеци, Нотр Дам ќе прими ходочесници прво од парискиот регион, а потоа и од цела Франција.
Што значи оваа работа на обнова и повторно отворање на Нотр Дам за Католичката црква во Франција?
Додека живееме во поделен свет, тензии, очај, повторното отворање на Нотр Дам е силен знак на надеж: благодарение на солидарноста на многумина, она што изгледаше мртво повторно стои. Токму тоа е знак дека братството има вистинско значење и дека кога ќе ги здружиме силите успеваме да направиме нешто големо и убаво, додека пред пет години не ни знаевме дали ќе успееме. Тоа е знак на надеж не само за париските католици туку и за целиот свет, исто толку е големо како и чувствата што пожарот на катедралата пред пет години ги предизвика и во странство. Второ, повторното отворање на оваа катедрала е можност за духовно будење: тоа не е реконструкција на музеј, туку на катедрала, која е повикана да биде знак на Божјото присуство и обожавање во срцето на градот. Сите луѓе што работеа овде беа целосно свесни дека не се наоѓаат внатре во било каква зграда, туку на место полно со историја, духовна и евангелска моќ. Затоа, сакаме литургиските славења да бидат убави, трезвени, лесно разбирливи и Нотр Дам да биде сведоштво за верата за сите оние кои ќе влегуваат во неа. Тоа е и можност повторно да се поврземе со она што е душата на Франција: од нејзината изградба, всушност, катедралата отсекогаш била присутна за време на настаните во нашата земја, без разлика дали е среќни или тажни.
Дали трагичниот пожар и обновата на Нотр Дам ја зголемија неговата препознатливост?
Пред пожарот, веројатно не бевме свесни колку целиот свет е поврзан со Нотр Дам. Набргу потоа, францускиот академик Адриен Гец зборуваше за „Нашата Богородица од човештвото“. Тоа се објаснува со фактот дека оваа катедрала не припаѓа на никого, ниту на католиците ниту на Французите, туку претставува дел од општото добро на човештвото каде секој може да најде засолниште под заштита на Безгрешната Дева. Се надевам дека во следните децении многу луѓе ќе го сретнат Христос во оваа катедрала, по стапките на францускиот писател и поет Пол Клодел, кој влегувајќи во катедралата Нотр Дам за време на божиќната миса на 25 декември 1886 година, поверувал во еден момент.
Ика/к.мк