Објавена пораката на Папата за Светскиот ден на сиромашните

Објавена пораката на Папата за Светскиот ден на сиромашните

Сиромашните не се проблем, туку од нив можеме да ја научиме суштината на Евангелието – е една од мислите кои можеме да ги пронајдеме во пораката на Папата по повод Првиот Светски ден на сиромашните кој ќе се одбележи на 19 ноември 2017 година.

Сиромашните не се проблем, туку од нив можеме да ја научиме суштината на Евангелието – е една од мислите кои можеме да ги пронајдеме во пораката на Папата по повод Првиот Светски ден на сиромашните кој ќе се одбележи на 19 ноември 2017 година, односно на 33. недела во годината, неделата пред празникот Христос Цар на сите созданија. Како што е напишано во апостолското писмо Misericordia et misera, на Светскиот ден на сиромашните, Црквата „ќе размислува за тоа дека сиромаштвото се наоѓа во срцето на Евангелието и дека не е можна општествена праведност и мир сѐ додека Лазар чука на вратата на сопствените домови.“

Во документот насловен „Да љубиме, но не со зборови, туку со дела“, Светиот Отец потсети на зборовите на „љубениот ученик“ Иван кој во своето послание вели: „Чеда мои, да не се сакаме со зборови или со јазик, туку со дела и вистина!“ (1Ив 3, 18). Тие зборови претставуваат императив кој  ниту еден христијанин не може да го занемари. Ние христијаните се мериме според конкретни дела, а не со празни зборови кои често преминуваат преку нашите усти. Светото Писмо ни сведочи дека токму тоа била една од темелните точки на Црквата од нејзините почетоци. Првите христијани стапиле на „сцената на светот“ со служење на сиромашните. Така Делата на светите апостоли покажуваат дека тие меѓусебе делеле сѐ што поседувале. Не станува збор за реторичка формулација, туку свети Лука ја опишува праксата на првите христијани – рече Светиот Отец.

Но, имало времиња – предупредува Папата – кога христијаните во целост не го следеле тој повик, туку го усвоиле световниот начин на размислување. Сепак, Светиот Дух од почетокот на Црквата па сѐ до денес повикува мажи и жени кои на различни начини ги посветиле своите животи во служба на сиромашните. Папата Фрањо така посебно го истакнува свети Фрањо Асишки кој не се задоволувал со тоа што ги прегрнувал и им давал милостиња, туку одлучил да живее со нив. Денешните христијани како свети Фрањо се повикани да се приближат на сиромашните, да ги сретнат, да ги погледнат во очи, да ги прегрнат и да им дозволат да ја почувствуваат топлината на љубовта.

Светиот Отец во својата порака исто така потсетува на предупредувањето на свети Иван Златоуст: „Сакаш ли да го почитуваш Христовото тело? Тогаш немој да му се исмеваш во неговата голотија, ниту да го почитуваш овде во црквата со свилена облека, додека го запушташ надовр, каде му е ладно и каде што е гол.“

Потоа во центарот на размислувањето на Папата е сиромаштвото на духот на кое сите христијани се повикани. Сиромаштвото значи да имаш понизно срце кое прифаќа дека сме ограничени и грешни созданија, помагајќи ни така да го надминеме искушението да се чувствуваме семоќни и бесмртни. Тој е внатрешниот став кој парите, кариерата и луксузот не се сметаат за цели на животот и услови за среќа. Освен тоа сиромаштвото создава услови слободно да преземеме одговорност за другите. Според тоа, сиромаштвото е мерило кое ни помага да ги користиме материјалните добра на најдобар можен начин и да се изградуваат односи кои не се ниту себични, ниту посесивни.

Ако сакаме да дадеме допринос за ефикасно да ја промениме историјата и да овозможиме вистински развој, тогаш мораме да го слушнеме крикот на сиромашните и да настојуваме да ги извлечеме од исклученоста – рече Светиот Отец и им порача на сиромашните „во нашите градови и заедници“ да не ја изгубат смислата за евангелско сиромаштво со кое е исполнет нивниот секојдневен живот.

Папата понатаму истакнува дека на денешниот свет му е тешко, јасно да го препознае сиромаштвото. А повторно тоа секојдневно нѐ предизвикува на илјада начини, на лица обележени со страдање, маргинализација, угнетување, насилство, мачење и затворање, војна, одземање на слободата и достоинството, незнаење и неписменост, здравствени итни случаи и невработеност, трговија со луѓе и ропство, егзил, крајна беда и присилна миграција. Сиромаштвото има лице на жена, маж и деца кои се искористуваат и кои ги гази изопачената логика на моќта и парите – стои во пораката.

Светиот Отец во документот се пожали на „огромното богатство“ кое се акумулира во рацете на привилигирани поединци, а тоа често е поврзано со незаконски активности и страшни искористувања на човечкото достоинство. Пасивноста и безволноста не се опција за христијанинот, туку на сето тоа е потребно да се одговори со нова визија за животот и општеството – стои во пораката.

Папата со Светскиот ден на сиромашните во литургиската година сака да ја додаде „исклучителна евангелска полнота“ односно Исуовата посебна љубов кон сиромашните. Папата ја повика целата Црква, како и мажите и жените со добра волја, на тој ден својот поглед да го упатат кон сите оние кои ги пружат своите раце и ја бараат нашата помош и солидарност. Тој ден претставува поттик за верниците да реагираат против културата на отфрлање и отпад, а да ја прифатат културата на средба. Сите луѓе независно од својата верска припадност, се повикани на отвореност и делење со сиромашните по пат на конкретни дела на солидарност и братство.

Светиот Отец предупреди дека тој ден да не останеме на пораките и проповедите, туку предложи комбинација на конкретна помош и заедничко славење на Евхаристијата. Нека овој нов Светски ден биде силен апел до нашите вернички совети за да растеме во уверувањето дека делењето со сиромашните овозможува разбирање на најдлабоката вистина на Евангелието – стои на крајот до пораката на Папата.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот