Нов апел на Папата за зајакнување на солидарноста во Европа

Нов апел на Папата за зајакнување на солидарноста во Европа

По повод 40 годишнината од основањето на Советот на епископските конференции на земјите од Европската Унија (COMECE), 50 години од дипломатските односи на Светиот Престол и Европската унија и 50 годишнина од присуството на Светиот Престол како постојан набљудувач во Советот на Европа, папата Фрањо упати писмо до својот државен секретар кој од 28 до 30 октомври требаше да престојува во Брисел.

Папата во писмото ја повикува Европа во време на пандемија од коронавирус да ја зајакне солидарноста и да ја подигне свеста за своите вредности. Изразува загриженост заради најновите „искушенија за автономија“ кои всушност водат во конфликт. Папата сонува за почевечна Европа, посолидарна и великодушна, повикувајќи ја да се врати на своите длабоко вкоренети идеали.

Во последно време како да назадуваме, вели Папата, предупредувајќи на опасноста дека споровите и поделбите стануваат личен, социјален и политички животен стил. Истакнувајќи дека Европа „посебно му лежи на срце“, порача дека таа и понатамуја има централната улога за човештвото, иако различна од она во минатото.

Иднината на Европа и нејизниот сопствен придонес пред сè е во нејзината слика за човекот и погледот на светот, во нејзината способност за покренување на иницијативи и практичната солидарност. Клучни се притоа заштитата на животот од зачнувањето до природната смрт, промовирањето на вработувањето и образованието, како и заштитата на најслабите и немоќните, посебно старите и болните, оние на кои им е потребна нега и лицата со инвалидитет, истакнува Светиот Отец.

Европа како заедница мора да ја почитува посебноста на секој човек и на секој народ, не заборавајќи дека ги поврзува заедничка одговорност. Пандемијата покажа дека никој не може да успее сам и дека одреденото индивидуалистичко сфаќање на животот и општеството обесхрабрува и изолира. Спротивно на тоа, солидарен и братски континент во состојба е да ги направи плодни посебностите и прилогот на секој поединец, почитувајќи ја притоа основната разлика на мажот и жената, порачува Папата.

Истакнува дека со предизвикот на миграцијата може да се соочи само општество на солидарност. Повторно повикува на подобра интеграција на луѓето кои често побегнале од гладот, конфликтите и природните катастрофи, во општество на земјата домаќин.

Папата напиша дека сонува за здрава секуларна Европа во која религијата и државата се различни, но не и спротивставени реалности. Континентот би требало да биде отворен за трансцеденција, за слободно практикување на верата и за учеството на верниците во општествениот дискурс. Помина времето на конфесионализмот, но се надеваме и она на секуларизмот кое ги затвора вратите за другите и пред сè за Бог, истакна Папата. Очигледно е дека културата и политичкиот систем кои не се отворени за трансцеденцијата не го почитуваат ниту човекот на соодветен начин. Христијаните од своја страна имаат голема одговорност повторно во општеството да се разбуди свеста за Европа.

Заради моменталната ситуација со пандемијата кардиналот Паролин предвидените средби во Брисел, меѓу останатите со епископите на COMECE ќе ги одржи преку видео-конференција.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот