Папата свика Конзисториум на кој ќе се размислува за мисијата на Црквата и како да ја пренесува Божјата љубов

Папата свика Конзисториум на кој ќе се размислува за мисијата на Црквата и како да ја пренесува Божјата љубов

Во писмо упатено до кардиналите пред Конзисториумот што ќе се одржи кон крајот на јуни, папата Лав XIV повикува на подлабоко размислување за темите од Evangelii gaudium, со посебен акцент на обновата на процесите на христијанската иницијација, предупредувајќи на опасноста од прозелитизам и од логика насочена само кон самозачувување или институционално проширување.

Мисијата на Црквата „не е нејзиниот сопствен опстанок, туку пренесувањето на љубовта со која Бог го љуби светот“. Тоа е пораката што стои во средиштето на писмото на папата Лав XIV до кардиналите по повод вонредниот Конзисториум, објавено во вторник, 14 април 2026 година.

Конзисториумот ќе се одржи во Ватикан на 26 и 27 јуни, непосредно пред празникот на светите Петар и Павле, а ќе заврши со евхаристиско славење кое ќе го рпедводи папата Лав XIV. Светиот Отец ова го најави на крајот од Конзисториумот одржан на 7 и 8 јануари.

Во писмото Папата изразува благодарност за работата извршена за време на јануарскиот Конзисториум, опишувајќи ги доставените прилози како „ресурс со трајна вредност“, кој треба понатаму да се развива преку црковно расудување.

Evangelii gaudium како водечка референца

Папата Лав XIV го посочува Апостолскиот поттик на папата Фрањо, Evangelii gaudium, како постојана референтна точка за животот и мисијата на Црквата.

Тој истакнува дека овој документ „сè пренасочува на керигмата како срце на христијанскиот и црковниот идентитет“ и го опишува како „здив на свеж воздух“, способен да поттикне процеси на пасторално и мисионерско преобраќање.

Обнова на секое ниво

Папата објаснува дека оваа перспектива ја повикува Црквата на обнова на повеќе рамништа.

На лично ниво, тој пишува дека секој крстен човек е повикан „да ја обнови својата средба со Христос, преминувајќи од вера што едноставно е примена кон вера што вистински се доживува и живее“.

На ниво на заедницата, станува збор за „премин од пасторален пристап насочен кон одржување кон мисионерски пасторален пристап“, во кој заедниците стануваат „живи субјекти на навестувањето“, обележани со внимание кон односите и со отвореност кон придружба и исцелување.

На епархиско ниво се истакнува одговорноста на пастирите, кои треба да се грижат мисионерската динамика да не биде оптоварена или задушена од организациски пречки, а истовремено да поттикнуваат расудување насочено кон она што е суштинско.

Мисија вкоренета во Христос

Од овие размислувања произлегува едно целосно разбирање на мисијата. Папата ја опишува како „христоцентрична и керигматска“, родена од средба што ги преобразува животите и се шири „преку привлечност, а не преку освојување“.

Тој истакнува дека оваа мисија „ги обединува експлицитното навестување, сведоштвото, посветеноста и дијалогот“, додека предупредува на „искушението на прозелитизмот“ и на „логиката на едноставно институционално зачувување или проширување“.

Дури и таму каде што Црквата претставува малцинство, пишува Папата, таа е повикана да живее „како мало стадо што им носи надеж на сите“.

Конкретни приоритети

Гледајќи кон иднината, Папата посочува неколку области што бараат понатамошно размислување. Тој повикува на искрена проценка на она што во изминатото време е примено од Evangelii gaudium, истакнувајќи дека некои аспекти сè уште остануваат „недоволно познати и неприменети“.

Меѓу приоритетите што ги наведува се обновата на процесите на христијанска иницијација, новото вреднување на апостолските и пасторалните посети, како и потребата „да се преиспита делотворноста на црковната комуникација, вклучително и на нивото на Светиот Престол, во појасен мисионерски клуч“.

Јунскиот Конзисториум

Завршувајќи го писмото, Папата повторно изразува благодарност за служењето на кардиналите и потврдува дека во пресрет на јунскиот Конзисториум ќе следуваат дополнителни информации.

Доверувајќи ја Црквата на надежта на воскреснатиот Господ, тој ги упатува своите велигденски честитки и ги повикува сите верници повторно да го откријат срцето на мисијата на Црквата: да сведочат за Божјата љубов во светот.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот