Папата: Шпанија нека биде гостопримлива кон сите, почитувајќи го достоинството на секој човек

Папата: Шпанија нека биде гостопримлива кон сите, почитувајќи го достоинството на секој човек

Во својата проповед на молитвеното бдение со 40.000 млади луѓе на стадионот во Барселона, папата Лав XIV ги охрабри присутните животните „ноќи“ да не ги гледаат како конечни неуспеси, туку како „можности да ги отстраниме маските што ги носиме“. Тој му оддаде почит на каталонскиот јазик, а потоа повика: „Да одиме заедно во верата што ги хармонизира различностите на нашите идеи и чувствителности“.

„L’any de Gaudí, el Papa és aquí!“ — „Во годината на Гауди, Папата е тука!“ Ова беше рефренот на силниот хор на млади луѓе кои уште од раните попладневни часови ја оживуваа подготовката за средбата со папата Лав XIV на стадионот што пред 34 години беше домаќин на Олимписките игри.

Оваа вечер, на истото место, се обнови една поинаква физичка и духовна борба: вежба на срцето да го подигне погледот и да се потпре на Исус.

Пред влезот на стадионот беше направен значаен гест во знак на близина со оние што страдаат од последиците на војната: Папата благослови 33 амбулантни возила подготвени да бидат испратени во Украина.

Потоа следеше долгата обиколка со папамобилот. Емоциите на Петровиот наследник беа видливи додека заедно со младите го пееше мотото на патувањето: „Alça la mirada“ — „Подигни го погледот“. Многу деца, меѓу кои и новороденчиња, го примија неговиот благослов и нежност.

Човечката кула како знак на заедништво

Добредојдето за папата Лав XIV беше изразено и преку „кастел“, традиционална човечка кула, еден од најпрепознатливите културни симболи на Каталонија, признаен како нематеријално културно наследство на УНЕСКО. На тоа потсети и кардиналот Хуан Хозе Омела, надбискуп на Барселона.

Пред Папата беше изградена прекрасна човечка кула: една личност врз друга, со стапала на рамената на оние под себе, достигнувајќи висина од околу седум метри, а на врвот се искачи дете, како светилник или купола. Станува збор за моделот „три од осум“, изведен од тимот од Вилафранка дел Пенедес.

„Ова е прекрасна демонстрација на она за што сме способни ние луѓето кога работиме заедно за заедничка цел“, истакна кардиналот Омела.

Тоа беше и почит кон вкоренетата традиција што го инспирирала самиот Гауди при изградбата на „Саграда Фамилија“. Воедно, тоа беше и вовед за настанот во среда, кога Папата ќе ја инаугурира Кулата на Исус Христос, проектирана од каталонскиот архитект.

Таа вечер не беше запален олимпискиот пламен, туку пламенот на Светиот Дух на единството, повикан преку песна и молитва. Тоа беше пламенот на мангалите поставени под големиот крст на Исус, носен на рамена и поставен на сцената на стадионот.

Како Никодим, ходочесници во ноќта

Папата воспостави блискост со младите од Барселона и преку јазикот. Првите зборови од својата проповед на молитвеното бдение на Олимпискиот стадион „Луис Компањс“ ги изговори на каталонски јазик. Тоа беше долгоочекуван знак на почит што длабоко ги допре присутните.

„И ние, како Никодим, сме ходочесници во ноќта. Оваа евангелска слика ни нуди, пред сè, порака за патувањето на животот“, рече Папата.

По дијалогот со младите, кои ги изнесоа грижите на помладите генерации, папата Лав XIV ги покани присутните да го усвојат ставот на Никодим, библискиот лик кого го нарече „ходчесник во ноќта“.

Оваа евангелска слика, рече Папата, им зборува и на луѓето од нашето време: човекот по својата природа е „просјак на љубовта“, жеден за вистината и во потрага по светлина што ќе го осветли неговиот пат.

Борбата да се поверува и горчината на неуспесите

Папата посочи дека секој човек понекогаш ја искусува темнината на верата, борбата да поверува, заморот на духот и чувството дека не е достоен пред повикот на Евангелието.

„Понекогаш ја доживуваме темнината на верата, борбата да веруваме, заморот на духот, чувството на несоодветност пред повикот на Евангелието, горчината на нашите неуспеси и стравот дека не сме на висина на задачата“, рече папата Лав XIV.

Но токму темнината на напуштеноста, охрабри Папата, може да стане почетна точка за преобраќање на животот и можност срцето да се отвори за Божјата неочекувана замисла за секој од нас.

„Ноќите“ ни ги симнуваат маските

Папата нагласи дека животните „ноќи“ не треба да се читаат само како порази. Тие можат да нè вратат кон суштината и да ни помогнат да бидеме вистинити пред Бога и пред себе.

„Овие ноќи нè соблекуваат и нè враќаат кон суштината; ги отстрануваат човечките и религиозните маски што ги носиме преку ден, за да избегнеме да бидеме препознаени или за да прикажеме слика за себе различна од она што сме“, рече Папата.

Тие нè оставаат, продолжи тој, „голи, со нашите светла и сенки“, и нè враќаат на понизноста за да умееме вистински да се погледнеме себеси, без претпоставка дека нашиот пат веќе е завршен или дека имаме јасна светлина за сè, за секого, па дури и за Бога.

Неуспесите можат да бидат почеток на нов живот

Петровиот наследник ги повика младите да ја напуштат сликата за Бог како осудувач. Како што Бог не ги осудува нашите доживеани неуспеси, така ни човекот не треба да ги осудува ниту своите, ниту туѓите „ноќи“.

Тоа, рече Папата, е предуслов за вистинска промена на погледот. Ништо не е празно или бесплодно: сè може да придонесе за растот на човекот. Страдањето, незадоволството, разочарувањето и неверието не можат да ја задушат желбата за живот.

Затоа папата Лав предложи испитување на совеста, поставувајќи прашања што можат да помогнат на патот: „Што треба да промениме?“

„Повикани сме да не ги судиме ‘ноќите’: ниту ноќите на нашиот живот, ниту оние на Црквата, ниту оние на општеството околу нас. Напротив, во ноќта треба да тргнеме како Никодим, продолжувајќи да Го повикуваме Господ, отворајќи се кон ветровите на Духот, за да ја примиме ноќта не повеќе како знак на неуспех, туку како почеток на нов живот“, порача Папата.

Вера што ја хармонизира различноста

Последната поука на Папата беше повик за зајакнување на братството и вреднување на различностите. Разликите, нагласи тој, не се пречка, туку човечко и духовно збогатување. Бог посакува бескрајна среќа и сака „ништо да не се изгуби“.

„Да одиме заедно во верата што ги хармонизира различностите на нашите идеи и чувствителности, да ја бараме вистината што нè води кон општото добро, за оваа земја да биде гостопримливо место за сите, каде што секој човек е почитуван во своето достоинство и сакан за тоа што е“, рече папата Лав XIV.

На крајот, Папата повторно упати благослов на каталонски јазик:

„Нека ни даде Господ, преку застапништвото на Пресвета Богородица, да се отвориме за Него и да дозволиме да бидеме понесени од ветерот на Неговиот Дух.“

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот