„Љубовта Христова нè гони“ – тема на Светскиот ден на мисиите 2027 година

„Љубовта Христова нè гони“ – тема на Светскиот ден на мисиите 2027 година

Папата Лав XIV ја избра темата за 101. Светски ден на мисиите, кој ќе се одбележи на 24 октомври 2027 година. Темата е вдахновена од Второто послание на Светиот апостол Павле до Коринтјаните и ја става Христовата љубов во средиштето на евангелизацијата и христијанското сведоштво.

„Љубовта Христова нè гони“ (сп. 2 Кор 5,14) е темата што папата Лав XIV ја избра за Светскиот ден на мисиите во 2027 година, кој ќе се одбележи во недела, 24 октомври.

Темата го насочува вниманието кон суштината на христијанската мисија. Прифатена и живеена, Христовата љубов станува сила што ги поттикнува верниците да го навестуваат Евангелието и да бидат блиски до секој човек.

Во средиштето на мисијата на Црквата е Божјата љубов откриена во Исус Христос. Таа се храни од личната средба со Него и се изразува преку конкретно сведоштво на братство, блискост и служење. Како што потсети Светиот Отец во својата порака за Светскиот ден на мисиите 2026 година, „Ако единството е услов за мисијата, љубовта е нејзината суштина“.

Христовата љубов го поттикнува човекот да излезе од себе, да се сретне со другите и особено да им се приближи на осамените, сиромашните и оние што страдаат. На тој начин мисионерскиот повик се остварува и преку секојдневната одлука да се биде близу до луѓето на кои им се потребни поддршка, утеха и надеж.

Пораката на папата Лав XIV за Светскиот ден на мисиите 2027 година ќе биде објавена на почетокот на следната година. Таа ќе биде основа за размислувањата, иницијативите и подготовките на христијанските заедници во пресрет на неговото одбележување.

Важна улога во поттикнувањето на мисионерската свест имаат четирите Папски мисионерски друштва, Друштвото за ширење на верата, Друштвото на Светото детство, Друштвото на Светиот апостол Петар и Папскиот мисионерски сојуз.

Преку своето дејствување тие ја поттикнуваат мисионерската свест и одговорност кај сите крстени, од најмладите до повозрасните, создавајќи широка мрежа на молитва, образование и милосрдие во служба на евангелизацијата и поддршката на младите цркви.

Секое од овие друштва има своја посебна задача, а заедничкото дејствување придонесува за зајакнување на мисионерскиот дух меѓу Божјиот народ и за поддршка на младите локални цркви, во согласност со посланието на Црквата истакнато и во Апостолската конституција Praedicate Evangelium.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот