Папата Фрањо: Не секогаш е лесно да се оди по патот на мирот

Папата Фрањо: Не секогаш е лесно да се оди по патот на мирот

Да се оди по патот на мирот не е секогаш лесно, но тоа е единствениот одговор на насилството – истакна папата Фрањо во писмото до надбискупот на Чикаго, кардиналот Блаж Јосиф Чупич.

Папата испрати писмо по повод кампањата за ненасилство која започна на 4 април 2017 година, на 49-тата годишнина од убиството на Мартин Лутер Кинг, а својот врв ќе го достигне на Велики петок кога ќе се одржи марш за мир. Додаваме дека Чикаго е на врвот на листата по стапката на кривични дела и убиства во САД.

Светиот Отец се осврна на баптистичкиот пастор, Мартин Лутер Кинг кој беше апостол за ненасилство и човекови права. Потсети на зборовите на Кинг дека човештвото е повикано „да развие метода за сите човечки конфликти, метода која ја отфрла осветата, насилството и одмаздата. Темелот на таа метода е љубовта.“ Станува збор за „пророчки зборови“ и Папата ги поттикна сите луѓе, а посебно момчињата и девојките да одговорат на нив и да бидат свесни дека културата на ненасилство не е неостварлив сон, туку пат кој донел одлучувачки резулатати. Доследното практикување на ненасилството ги срушило пречките, ги преврзало раните, исцелило народи, а може да го исцели и Чикаго. Светиот Отец порача дека ќе се моли за населението на тој град никогаш да не ја загубат надежта, заедно да работат за да станат миротворци, покажуваќи им ја на идните генерации силата на љубовта.

Во срцето на Папата се и жртвите од насилството. Знам дека многу семјества ги загубиле своите најмили заради насилството – рече и додаде: Близу сум им, ја делам нивната тага и се молам преку Божјата милост да искусат исцелување и помирување. Денес за жал – продолжи Светиот Отец – припадниците на различните етнички групи, луѓето од различни економски и општествени средини трпат дискриминација, рамнодушност, неправда и насилство. Мораме да го отфрлиме тоа исклучување и таа изолација, не размислувајќи за било која група како за „другите“, туку како за браќа и сестри. Таа отвореност на умот и срцето мора да се поучува и негува како дома така и во училиштето.

Папата Фрањо на кардинла Чупиќ и на верниците од неговата бискупија им загарантира и духовно учество во маршот за мир кој ќе се одржи на Велики петок: Додека на тој ден ја молиме побожноста Крстен пат во Рим, во молитвата ќе ве следам Вас, оние кои ќе бидат со Вас како и оние кои претрпеле насилство – порача на крајот Светиот Отец.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот