Нови ватикански комисии за реформата на Римската куриja

Секретаријатот за економски прашања формираше работна група со задача за финансиска контрола на Ватиканската држава, соопшти ватиканскиот портпарол отец Федерико Ломбарди на брифингот за средбата на Кардиналскиот совет за реформите, што се одржа од 10 до 12 декември, со учество на Папата.

Во новата работна група учествуваат претставници и на Ватиканскиот државен секретаријат, Ватиканското управителство, апостолската служба за управување на имотот на Светиот Престол, новиот Секретаријат за комуникации и Институтот за црковни дела, познат како Ватиканската банка.

На средбите беа дискутирани и прашањата за работата на двете нови ватикански конгрегации за лаици, семејството и животот и за Правда, мир и миграции, формирани од Папата на 22 октомври, истакна ватиканскиот портпарол. Кардиналот Леонардо Сандри, префект на Конгрегацијата за Источните цркви ја претстави работата и улогата на Ватиканската конгрегација во светло на екуменските односи, додаде отец Ломбарди.

Следната тринаесеттата средба на Кардиналскиот совет, предвидена за 8 и 9 февруари 2016 година, ќе биде посветена на говорот на папата Фрањо одржан на 17 октомври оваа година по повод 50 годишнината од формирањето на Епископската Синода, додаде ватиканскиот портпарол. „Во него Папата широко се осврнува на темата за синодалноста, но исто така потсетува и на потребата од децентрализација“, истакна отец Ломбарди. Кардиналскиот совет смета дека е неопходно да се продлабочи тоа папско слово имајќи ја во предвид реформата на Куријата и затоа ќе биде посветено посебна сесија на следната работната средба“.

Освен тоа Ватиканската прес служба објави и декрет на Папата со кој се формира посебна Комисија за ефикасно управување на активностите во здравствено-санитарниот сектор на јавните субјекти на Црквата.

РВ/В.Н.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот